Каков е патот на Македонија до СП 2023 – ќе дознаеме во Унгарија во јануари

По Европското првенство во Унгарија и Словачка во 2022 година, на ред доаѓа и Мундијалот во 2023 година што ќе се игра на европскиот континент. Шведска и Полска ќе бидат домаќини на најдобрите 32 светски селекции во машка конкуренција, отворањето ќе биде во Полска, додека завршниот викенд во Шведска.

Квалификациите за големиот настан започнуваат следната недела, а македонската репрезентација поради настапот на ЕП ги „скока“ претквалификациите во кои ќе учествуваат 16 селекции.

Мундијалот ќе се игра од 11 до 29 јануари 2023 година. Домаќини ќе бидат девет градови – Гдањск, Краков, Катовице, Плоцк, Стокхолм, Малме, Гетеборг, Јонкопинг и Кристијанштад. Светскиот првак Данска има директно место на Мундијалот, како и двата домаќини. Во продолжение прочитајте како се распределени местата по континенти и федерации.

  • Домаќин: 2 – Полска, Шведска
  • Светски шампион: 1 – Данска
  • Африка: 5
  • Азија: 5
  • Европа: 12 (3+9)
  • Северна Америка и Кариби: 1
  • Јужна и Средна Америка: 4
  • Океанија/вајлд карта: 1
  • Вајлд карта: 1

Европа ќе има 15 места (три селекции се пласирани – Данска, Полска и Шведска, медалистите од ЕП 2022 исто така обезбедуваат пласман, па остануваат уште девет места) за следниот Мундијал, а квалификациите ќе се одвиваат во две фази.

Во првата фаза ќе играат селекциите што не обезбедија место на ЕП 2022 година, вкупно 16 поделени во четири групи. Прво и второпласираните, односно најдобрите осум селекции од првата фаза ќе обезбедат место во првиот бараж што се игра во март догодина. Покрај овие осум селекции, директно место во првиот бараж има и за Швајцарија, која е најдобро рангирана од селекциите што не обезбедија место на ЕП. Нив ќе им се придружат најслабите девет селекции од ЕП 2022 година (од 16 до 24 место), а победниците од деветте двомечи ќе обезбедат место во вториот бараж.

Во вториот бараж веќе ќе бидат пласирани селекциите што ќе се пласираат од четвртото место до 15 место на ЕП 2022 година, со исклучок на Полска, Шведска и Данска, ако сметаме дека овие три селекции ќе бидат во ТОП 15 на ЕП. Тие девет селекции заедно со победниците (девет) од првиот бараж ќе формираат девет двојки, што ќе играат втор бараж двомеч во април догодина. Победниците од тие девет двобои ќе се пласираат на Мундијалот во Полска и Шведска.

Македонија се пласираше на ЕП 2022 и со тоа заврши половина од работата. Доколку таму се пласира во втората рунда, ќе игра само еден бараж за СП 2023, но доколку не обезбеди место во втората рунда на ЕП, сигурно ќе имаме две пречки до настап на нов Мундијал. Сумирано, ако Македонија се пласира до 15 место на ЕП 2022, тогаш не само што ќе игра еден бараж за СП, туку и ќе биде во шеширот на носители во вториот бараж.

Квалификации за СП 2023

1 фаза (принцип дома-гости или турнир)

3-7 ноември 2021 – 1 и 2 коло
5-16 јануари 2022 – 3, 4, 5 и 6 коло

група 1: Белгија, Турција, Грција, Косово (дома-гости)
група 2: Финска, Естонија, Грузија, Велика Британија (турнир 5-7 ноември 2021) 
група 3: Романија, Израел, Кипар, Молдавија (турнир 7-9 јануари 2022)
група 4: Летонија, Италија, Луксембург, Фарски Острови (турнир 14-16 јануари 2022)

2 фаза (принцип дома-гости)

14-20 март 2022, бараж 1
прво и второпласираните од четирите групи + Швајцарија + девет селекции од ЕП 2022, 16-24 место, формираат девет двојки од кои победниците обезбедуваат бараж 2

11-17 април 2022, бараж 2
девет победници од бараж 1 + девет селекции пласирани од 4 до 15 место на ЕП 2022 со исклучок на Данска, Полска и Шведска, формираат девет двојки од кои победниците обезбедуваат место на СП 2023