Заврши европската авантура за Куманово

По вчерашниот пораз со 29-22, македонскиот претставник во Европскиот Куп – Куманово, забележа уште еден убедлив пораз, 31-17, во двомечот со Херцогенбуше.

Швајцарскиот тим уште по првото полувреме го реши победникот, кога беше плус шест за домаќиниките, 16-10.

Во вториот уште поголема доминација на Херцогенбуше, а до израз дојде и малиот играчки кадар на Куманово.

Најдобар стрелец во составот на Куманово беше Сара Цветановска со седум гола, додека по два пати стрелаа Богојеска, Зечевиќ, Нестороска и Ѓошевска.

По европската елиминација, за тимот на Куманово останува само да се посвети на домашните обврски во Женската лига и во Купот, каде што го брани трофејот.

Следен предизвик за Куманово ќе биде домашниот дуел со Спартак оваа недела.