Денеска ќе започне 16. издание на Европското првенство во женска конкуренција, на кое еден од 24-те учесници ќе биде и репрезентацијата на Македонија.
Домаќини на најдобрите 24 европски репрезентации ќе бидат три земји – Унгарија, Австрија и Швајцарија, а љубителите на женскиот ракомет ќе имаат можност да видат некои нови таленти, но и познати имиња.
Едни од нив се ветеранките Катрин Лунде од Норвешка и Петра Блажек од Австрија, двете голманки ќе се сретнат уште во групната фаза на континенталниот собир.
Двете голманки бранеа на Европското првенство во Македонија (2008), тогаш Норвешка со Лунде го освои златото, додека Австрија беше елиминирана уште во групната фаза.
Лунде зад себе има големо искуство, многу трофеи на репрезентативно, но и клупско ниво и 44 годишната голманка ќе биде главен адут на скандинавската селекција. Блажек, која има 37години, исто така, со своето големо искуство може да биде една од клучните алки во австрискиот состав.
Натпреварот меѓу Норвешка и Австрија ќе се одигра во 2. коло од групната фаза, односно на 30 ноември.