Струга од 12 до 15 август повторно ќе живее со ракометот, а покрај Црн Дрим ќе се одржи вистински ракометен фестивал исполнет со добри натпревари, полни трибини и незаборавна атмосфера. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а во пресрет на неговиот почеток ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Најстариот ракометен турнир во Македонија и годинава ќе го означи почетокот на новата сезона. Со него, почнува ракометната магија во Македонија. Од 12 до 15 август, на отвореното игралиште покрај Охридското Езеро, ќе се одржи 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“.
Една од екипите која стана редовен учесник на традиционалниот Струшки турнир е екипата на Бутел Скопје. Бутелци откако се дел од Супер лигата, секогаш обезбедуваат место во разигрувањето на титулата.
Екипата ова лето претрпе многу промени, што играчки, што во стручниот штаб, но со новиот стратег Стојанче Стоилов амбициите нема да се променат и повторно ќе се атакува во најдобрата шесторка во македонскиот ракомет.
Нов стратег, но стари амбиции
На местото на Горан Кузманоски, кој две сезони беше на клупата на Бутел Скопје, дојде легендарниот Стојанче Стоилов, кој ќе ја има првата работа како прв стратег, откако беше дел од стручниот штаб на Вардар.
„Со оглед на тоа дека сеуште е подготвителен период и први пријателски натпревари сакам да ја видам екипата компелетна, бидејќи голем дел од играчите покасно ни се приклучија заради репрезентативни настапи и сакам да ги видам тие први чекори на уигрување на тимот“, вели Стоилов.
Тренерот на Бутел го подигна пехарот во Струга пред пет години
Toj како капитен на Вардар стигна до победничкиот пехар. Во драматичното финале во 2021 година, Вардар го победи Еурофарм Пелистер со 33-32 по продолженија.
„Многу пати сум бил на турнирот и знам дека нема многу турнири кои се играат под отворено небо. Ја сакам Струга, овој турнир има посебен шмек и еден од омилени турнири на кои сум присуствувал и играл“, вели Стоилов.
За првпат против клубот со кој освои многу титули
Ривали на Бутел Скопје во групната фаза на турнирот во Струга ќе бидат шампионот Вардар и екипата на Прилеп.
Стоилов за првпат ќе биде во улога на стратег на екипа што ќе игра против „црвено-црниот“ состав.
„Добро познати екипи за нас. Вардар е актуелен шампион, освојувач и на трофејот во Купот на Македонија, а Прилеп е амбициозна екипа со која ќе се бориме за место во плеј-офот. Фаворит е Вардар како актуелен освојувач на дуплата круна, но мислам дека Охрид кој многу квалитетно се засили може да им ги помати сметките“, продолжи Стоилов.
Амбициите исти како секогаш
Бутел Скопје откако во 2018 влезе во елитната конкуренција, секогаш успеваше да избори пласман во разигрувањето за титулата.
Така беше со Игор Котевски на клупата, па низата ја продолжија Кристијан Грчевски и Горан Кузманоски, а сега целите со Стојанче Стоилов остануваат исти. Тој беше краток и јасен во одговорот на прашањето за целите на екипата.
„Бутел како и секоја година, така и оваа ќе атакува на место во плеј-оф“, заврши Стоилов.
БУТЕЛ СКОПЈЕ – клупски информации
Состав
Голмани: Богдановски, Трсунов, Чаневски
Играчи: Ѓоргиевски, Зенговски, Симовски, Стаменковиќ, Каевски, Михајловиќ, Јаневски, Костов, Аксентиев, Субашевски, Тодески, Јовиќ, Аврамовски, Спасовски, Марковски, Лешникоски, Ѓорѓески, Трсунов, Симоновски, Николоски
Стручен штаб: Стојанче Стоилов, Стефан Стојановски, Леонид Киселовски
Играчи што дојдоа: Ѓорѓески, Аврамовски, Симоновски, Аксентиев, Богдановски, Чаневски, Стаменковиќ
Играчи што заминаа: Узунчев Т., Трајкоски, Узунчев Д., Стојаноски, Новаковски, Шилегов, Ѓурмешевиќ, Киселовски
Распоред на мечевите на Бутел во Струга
13 август
18,30 часот Прилеп – Бутел Скопје
14 август
20,30 часот Бутел Скопје – Вардар
15 август
Натпревар за пласман
* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

























