РФМ организираше ЕХФ шампионат, Романија од Скопје со билет за ЕП 2028

Романија и Бугарија ги освоија титулите на двата ЕХФ шампионати кои се одржаа во Скопје и Телави, Грузија.

На ЕХФ шампионатот 1 во Скопје, Романија стигна до златото, откако во финалето убедливо ја совлада Литванија со 32-23. Романците уште на полувремето имаа предност од осум гола (20-12), а Литванија и покрај деветте погодоци на Шарунас Вижинис не успеа да направи пресврт.

Бронзениот медал го освои Грција, која во мечот за третото место ја совлада Луксембург со 35-29. За Грците ова беше одличен финиш на турнирот, а нивниот ракометар Евангелос Евгенидис беше најдобар стрелец со 38 гола.

Од Скопје на ЕП 2028 за младинци се пласираа Романија, Литванија и Грција, кои влегуваат меѓу 24 најдобри селекции односно во А дивизијата.

Турнирот во Скопје успешно го организираше Ракометната федерација на Македонија, која уште еднаш го покажа својот капацитет за организација на вакви и слични настани.

На ЕХФ шампионатот 2 во Телави, Бугарија го освои шампионскиот трофеј, совладувајќи ја домашната селекција на Грузија со 35-28.

Бугарите го одиграа најдобро најважниот натпревар, а Даниел Иванов беше нерешлива енигма за грузиската одбрана со 13 гола. Токму Иванов го заврши турнирот и како најдобар стрелец со 56 погодоци.

Домашната Грузија мораше да се задоволи со среброто, додека Белгија го освои бронзениот медал по победата над Косово со 37-32.