Вардар влегува во серијата контролни натпревари пред почетокот на новата сезона. Првата станица за „црвено-црните“ е традиционалниот турнир во Струга, каде актуелниот македонски шампион важи за главен фаворит за освојување на трофејот.
Струшкиот турнир ќе биде првата вистинска проверка за новиот Вардар. Потоа следува натпревар од Регионалната лига, а подготвителниот период ќе продолжи и со настап на турнирот во Охрид. Целта е екипата постепено да ја подигнува формата пред официјалните предизвици во домашните натпреварувања и Лигата на шампионите.
Еден од новите играчи на кои тренерот Иван Чупиќ ќе смета сезонава е голманот Милан Бомаштар. Српскиот интернационалец веќе неколку недели е со екипата, а по првиот период во Скопје и подготовките со новите соиграчи има позитивни впечатоци.
„Добро се чувствувам во екипата и задоволен сум од тоа како течат подготовките. Сè е на високо ниво и се обидуваме што подобро да се подготвиме за она што нè очекува во новата сезона“, вели Бомаштар.
Конкуренцијата е добра за Вардар
Вардар и во новата сезона ќе има сериозна конкуренција меѓу стативите. Бомаштар тоа не го гледа како проблем, туку како дополнителна мотивација.
„Конкуренцијата е добра работа. Најважно е сите да работиме за екипата и Вардар да има што подобри резултати. Секој треба да го даде својот максимум и да ја искористи шансата што ќе ја добие.“
Бомаштар добро знаел каде доаѓа. Историјата на клубот, европските успеси и навивачите биле меѓу главните причини поради кои немал голема дилема кога стигнала понудата од Скопје.
„Знаев што претставува Вардар, какви навивачи има и каква историја има клубот. Мислам дека повик од Вардар тешко може да се одбие. Станува збор за голем клуб и тоа беше многу важен фактор во мојата одлука“, истакна Бомаштар.
Едвај го чека дебито „Јане Сандански“
Иако сè уште нема настапено пред вардаровата публика како домашен играч, Бомаштар добро ја познава атмосферата во „Јане Сандански“. Гледал голем број натпревари на Вардар и од поновата, но и од славната европска историја на клубот.
„Гледав многу натпревари на Вардар, и од минатата сезона и од претходните години. Атмосферата во ‘Јане Сандански’ е неверојатна. Мислам дека Вардар ги има едни од најдобрите навивачи во ракометот.“
Токму поддршката од трибините, според него, може да биде голема предност во најтешките моменти од натпреварите.
„Од тоа што сум го гледал и што сум го слушал од играчите кои биле тука, навивачите можат да ти дадат дополнителни 20-30 проценти. Кога си уморен на натпревар, нивната поддршка ти дава дополнителна енергија и мотивација“, вели новиот голман на Вардар.
Пред да дојде моментот за официјалното деби пред домашната публика, Бомаштар и неговите соиграчи ќе имаат неколку важни проверки. Првата е во Струга, каде Вардар ќе игра во група со Прилеп и Бутел и ќе се обиде уште на почетокот од подготовките да ја потврди фаворитската улога.
Вардар првиот натпревар на турнирот го игра против Прилеп, а потоа следува дуелот со Бутел. Натпреварите за пласман се на последниот ден од турнирот.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























