Вујовиќ: Можеби е време за крај…

Веселин Вујовиќ од вчера не е повеќе тренер на Нексе Нашице, а денеска ја дозна суспензијата од Хрватскиот ракометен сојуз на три месеци по прекинот што се случи на мечот против Загреб.

Во изјава за „Спортске Новости“, некогашниот стратег на Вардар и селектор на Македонија, вели дека сега ќе одмори, но и ќе размисли за крај на тренерската кариера.

„Очекував казна. Секако, та ја забрза одлуката да заминам од Нексе. Што е тука е, нема да се жалам, ниту имам намера да се занимавам со тоа. Тие што одлучуваа за мене, знаат зошто така направиле, затоа за мене ова е завршена приказна. Немам никаков план за во иднина, лигите се пред крај. Ќе видиме што ќе биде и како ќе се одвива мојата кариера понатаму. Но јас сум тренер во зрели години, долго размислувам за тоа дека можеби е време да се повлечам. Ако има некоја добра опција, ќе ја прифатам, ако не, Боже мој“, вели Вујовиќ.

Неговиот престој во Нексе Нашице траеше два месеци, а претходно беше селектор и на Иран, кој го водеше на Мундијалот во Полска и Шведска и имаше добри резултати.