Македонската репрезентативка Ивана Арсениевска и наредната сезона ќе настапува во полскиот шампионат, откако и официјално стана ново засилување на Старт Елблаг за сезоната 2026/27.
Како што најави 24Ракомет, 24-годишната организаторка на играта пристигнува во Елблаг по една сезона мината во редовите на Кошалин, каде што остави одличен впечаток и се наметна како една од најдобрите ракометарки.
Арсениевска, која е родена во Делчево, кариерата ја започна во Металург, каде во сезоната 2021/22 го освои Купот на Македонија. На само 18 години беше дел од националниот тим на Европското првенство во 2022 година, а оттогаш е стандарден член на репрезентацијата.
Пред да се пресели во Полска, Арсениевска настапуваше и за романската Униреа Слобозиа и израелскиот Бнеи Херцлија, а минатата сезона во дресот на Кошалин одигра 23 натпревари, постигна 52 гола и забележа дури 86 асистенции, потврдувајќи дека е една од најкреативните организаторки на играта во лигата.
По потпишувањето на договорот, македонската репрезентативка не го криеше задоволството.
„Започнувам ново поглавје и многу сум благодарна за оваа можност. Среќна сум што ќе го претставувам Старт Елблаг и со нетрпение очекувам да ги запознаам навивачите. Верувам дека заедно ќе создадеме многу незаборавни моменти“, изјави Арсениевска.
Во овој клуб Арсениевска ќе настапува заедно со уште една македонска репрезентативка Јована Кипријановска.






















