Херојски камбек на Пролет – од минус седум до триумф, Андоновски е „меч винер“!

Ракометарите на Пролет ја забележаа втората победа во новата сезона од Првата лига, откако славеа против Вардар Неготино на гостински терен со 25-24 со огромен пресврт по негатива од седум гола.

Творец на големиот триумф е капитенот Ласко Андоновски, кој на дваесетина секунди до крајот го постигна победничкиот гол.

По петнаесетина минути игра беше 8-8, но потоа домашните ја преземаа контролата. На паузата неготинци водеа со 15-11, а на стартот на второто полувреме и со 18-11. Но тогаш како да застанаа домаќините, а Дрпљанин и Давитковски со голови во серија успеаја да намалат на 22-21.

Петров и Митевски се погрижија за плус два, 24-22 на шест минути до крајот и оттогаш неготинци не погодија. За тоа време Пролет успешно реализираше и при 24-24, имаше тајм-аут за гостите.

Андоновски беше прецизен, Вардар Неготино потоа промаши и немаше време, па радоста на гостите можеше да почне.

Најдобри стрелци кај победничката екипа беа Дрпљанин со девет и Соколоски со четири гола, додека кај Вардар Неготино, Митевски реализираше осум пати.