Екипата на Кирил Лазаров немаше проблеми против Куманово и пред својата публика забележа убедлива победа со 37-21. Гостите беа рамноправни само во почетниот дел, по што тимот од Скопје ја презеде контролата и доминираше до крајот.
„Сино-белите“ од Автокоманда го отворија натпреварот со водство од 2-0, а набргу стигнаа и до 4-2. Куманово не дозволи рано одлепување и во деветтата минута преку Наум Костов израмни на 5-5.
Гостите останаа во игра и при 8-7 во 18. минута, но потоа следуваше подобар период на домашниот состав. Одбраната стана поцврста, се отворија можности за брзи реализации, а предноста почна постојано да расте.
По водството од 10-8, тимот од Скопје направи серија од 6-1 и на полувреме замина со убедливи 16-9. Александар Петковски го постигна последниот погодок во првиот дел.
Куманово на почетокот од второто полувреме намали на 16-10, но тоа беше сè што успеа да направи. Екипата на Кирил Лазаров продолжи во висок ритам и во 41. минута првпат стигна до девет гола предност, 21-12.
Во продолжението разликата стана двоцифрена. Од 25-17, „сино-белите“ реализираа пет последователни погодоци за 30-17 и целосно го скршија отпорот на противникот. До крајот само се поставуваше конечната разлика, која по погодокот на Ненад Костески достигна 16 гола.
Дамјан Митев беше најефикасен во победничкиот состав со шест погодоци. Улфар Тордарсон, Филип Николов и Александар Петковски постигнаа по пет, а Николов запиша и пет асистенции. Дури десет различни ракометари се запишаа во листата на стрелците.
Кај Куманово убедливо најрасположен беше Наум Костов со девет погодоци, од кои седум од седмерец. Омар Солиман Радван постигна четири, а Бојан Гичев три гола.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗























