Охрид освои лесни бодови кај Бутел

Охрид освои нови бодови во Супер лигата, први на гостински терен, откако славеше на гостувањето кај Бутел Скопје со 41-32 и сега има вкупно пет, додека домашните остануваат на еден.

Гостите уште по првото полувреме ја оправдаа фаворитската улога, направија солидна залиха, која не беше тешко да ја задржат во вториот дел, па гостинскиот стратег Ројевиќ имаше шанси и да комбинира со поставата на теренот.

Домашниот стратег Стоилов исто така им даде шанса на сите свои ракометари, кои добија искуство плус во Супер лигата, а шансата за бодови ќе ја побараат на следните средби.

Гостите по пет минути поведоа со 5-0 и најавија дека се дојдени по триумф, а потоа само ја зголемуваа разликата во своја корист. Бутел почна да погодува, но искусните охридски тим не дозволи во ниту еден момент да биде загрозена предноста.

На паузата беше 21-13, а во второто полувреме немаше никакви возбудувања на теренот, се играше практично без одбрани на двете страни и се постигнуваа лесни погодоци.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дарко Ѓукиќ со десет и Анте Иванковиќ со шест гола, додека кај Бутел Скопје се истакна Дејан Михајловиќ, кој петпати ја затресе противничката мрежа.

Во следното коло Охрид го чека домашна задача против Прилеп, додека Бутел Скопје ќе оди на гостување кај Струга.