Влатко Митков ја игра последната сезона во кариерата!

Покрај Владимир Темелков, на крајот на оваа сезона во играчка пензија ќе замине и уште еден од играчите за кој се врзани најголемите успеси во машкиот репрезентативен ракомет.

Тоа е десниот бек Влатко Митков, кој на почетокот на оваа сезона се врати на ракометните терени по тешката повреда лани, но во моментов ја има улогата на тренер на австрискиот Холабрун.

Доколку има потреба во финишот на сезоната, тој одново ќе се појави на теренот, но од лето ќе се концентрира само на тренерската работа. Дали ќе биде тоа во тимот на Холабрун, или во некој друг тим, останува да видиме.

Митков е поранешен македонски репрезентативец кој настапи на СП 2009, ЕП 2012, ЕП 2014, ЕП 2016 и СП 2017 за нашата селекција. На 91 натпревар за националниот тим има постигнато 78 погодоци.

Тој потекнува од Штип, во Македонија ги носеше уште дресовите на Повардарие и Пелистер, каде што ја стекна афирмацијата. Со битолскиот клуб играше финале во тогашниот Челинџ Куп.

Во 2003 година замина во странство и полни 21 година гради кариера во Германија и Австрија. Во Германија играше за Вилштат, Хам, Вецлар и Балинген, пред во 2011 година да замине во Барнбах. Потоа играше и за Кремс, Брегенц, а од 2020 е член на Холабрун, кој лани успеа да влезе во елитната конкуренција во Австрија.