Чупиќ откри едно свое правило: Во соблекувалната не влегувам без причина!

Иван Чупиќ како ракометар беше дел од славната генерација на Вардар, која и во најтешките моменти остануваше обединета.

Сега, во улога на тренер, Хрватот има јасно правило – соблекувалната им припаѓа на ракометарите.

„Кога станав тренер, тоа беше една од најтешките промени за мене. Како ракометар многу ја сакав соблекувалната, но кога станав тренер си кажав дека нема да влегувам таму и дека нема да се мешам во она што се случува меѓу играчите“, откри Чупиќ.

Причината за таквата одлука ја пронашол во сопственото искуство од времето кога бил активен ракометар.

„Имав тренери кои многу ги интересираше што се случува во соблекувалната и кои постојано сакаа да добиваат информации. Мене како ракометар не ми се допаѓаше тоа чувство. Затоа одлучив дека во соблекувалната ќе влегувам само пред натпревар, по натпревар или ако постои некаков проблем. Во сите други ситуации, не влегувам.“

И без директно да навлегува во приватниот простор на ракометарите, Чупиќ е убеден дека во екипата владее позитивна атмосфера.

„Од она што го гледам на теренот, пред и по натпреварите, Вардар и минатата и оваа сезона делува како еден тим. Гледам екипа која сака да се бори. Клупата постојано станува, навива, ги бодри соиграчите и се чувствува позитивна енергија и добра хемија.“

Тренерот на Вардар смета дека таквата поврзаност не може да се глуми или да се сокрие.

„Не сме ние толку добри актери за надвор сè да изгледа совршено, а внатре да биде катастрофа. Таквата енергија се гледа и се чувствува. Верувам дека оваа екипа има добра хемија“, заклучи Чупиќ.