ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Еурофарм Пелистер на тежок испит – во Гдањск чекаа 25 години за нов евро-меч

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер денеска го очекува вториот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа. Пелистерци по киксот со Ла Риоха дома, мора да се „вадат“ на незгодното гостување кај Вибжеже Гдањск, кој пак направи сензација и го победи Гумерсбах среде Германија.

Станува збор за тим предводен од некогашниот полски селектор Патрик Ромбел, кој по пауза од 25 години обезбеди место во Европа.

Во ростерот ги имаат прекалените борци, Томаш Гебала (Магдебург, Висла Плоцк, Келце) и Патрик Валчак (Загреб, Спортинг Лисабон, Вардар), а актуелните полски репрезентативци, голманот Матеуш Жембрицки и левото крило Миколај Чаплински се меѓу лидерите. Тука се интернационалците – Романецот Станеску на десен бек, Чехот Морковски на среден бек, пивотите од Словенија и Исланд – Нејц Змавц и Торвалдур Тордарсон. Меѓу подобрите се истакнуваат и десниот бек Виктор Томчак и десното крило Филип Михалович.

Досега во новата сезона од полскиот шампионат Вибжеже Гдањскк славеше три пати и загуби два пати, еднаш на домашен терен од Легионово, што покажува дека знаат да бидат ранливи. Еурофарм Пелистер има искусен тим што ќе може и ќе знае како, да ја искористи секоја шанса што ќе биде укажана за клубот да ги освои првите европски бодови оваа сезона.

Тренерот Лино Червар ќе смета на најновото засилување од Франција – Саду Н’танзи, додека останатиот дел од тимот ќе биде оној стандардниот. Мечот меѓу Вибжеже Гдањск и Еурофарм Пелистер се игра денеска во „ЕРГО Арена“ со почеток од 18:45 часот.

Покрај средбата на битолчани, во Лигата на Европа на програмата има уште 15 средби меѓу кои и онаа меѓу Ла Риоха и Гумерсбах.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:

Лига на Европа, 2 коло

група А
18:45 Хамарби – Нексе
20:45 Сен Рафаел – Елверум

група Б
20:45 Хафнарфјордур – Лимож
20:45 Маритимо – Бидасоа

група Ц
18:45 Кадетен Шафхаузен – Извиѓач Љубушки
18: 45 ЧСМ Букурешт – Шамбери

група Д
20:45 Сесвете – Татран Прешов
18:45 Бергишер – Савехоф

група Е
20:45 Агуаш Санташ – Фленсбург
20:45 Гранољерс – Бузау

група Ф
20:45 Торелавега – Карвина
20:45 Холстебро – Бенфика

група Г
18:45 Вибжеже Гдањск – Еурофарм Пелистер
20:45 Ла Риоха – Гумерсбах

група Х
18:45 Слован Љубљана – Валур
18:45 Морс – Татабања