Вардар во четврток од 20:45 часот ја пречекува Висла Плоцк во третото коло од Лигата на шампионите. По двата тесни порази на стартот, црвено-црните ќе се обидат пред своите навивачи да стигнат до првите бодови во елитното европско натпреварување.
Капитенот Васил Гогов очекува исклучително тежок натпревар против квалитетниот полски тим, но верува дека Вардар со добра атмосфера, енергија и силна поддршка од трибините може да се израдува на победа.
„Нè очекува многу тежок натпревар против квалитетен противник, кој располага со многу искусни и квалитетни ракометари. Даваме сè од себе на секој тренинг, тренираме добро и имаме одлична атмосфера и енергија во екипата. Напорно се подготвуваме, имавме доволно време за подготовка и за анализа на противникот. Ќе го дадеме максимумот и се надеваме дека пред полна сала и пред нашите одлични навивачи ќе се израдуваме на првите бодови во Лигата на шампионите“, изјави Гогов.
Вардар беше блиску до бодови и на претходните два европски натпревари, но во клучните моменти противниците беа посигурни. Гогов е свесен дека на ова ниво е тешко да се пронајдат изразени слабости кај ривалите, па домашниот терен мора да биде дополнителна предност.
„На ова ниво и против вакви квалитетни екипи има многу малку слабости. Наше е да покажеме повеќе енергија и поголема мотивација од нив. Играме на домашен терен и се бориме за првите бодови во Лигата на шампионите. Се надевам дека токму домашниот терен, нашата енергија и поддршката од трибините ќе бидат нашата предност против Висла.“
Црвено-црните на последниот првенствен натпревар прикажаа одлична одбрана против Охрид, а капитенот очекува истиот пристап да биде пренесен и на европската сцена.
„Против Охрид одигравме квалитетно во одбраната и мислам дека таквата игра ќе мора да биде на нивото на задачата и против Висла. Се разбира, можеме да одиграме уште подобро. Ќе продолжиме да работиме на тренинзите за дополнително да го подигнеме нивото на нашата игра“, заврши Гогов.
Мечот меѓу Вардар и Висла Плоцк се игра в четврток во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:45 часот.

























