Четири македонски претставници Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и Бутел Скопје во следниот период ќе ги одиграат своите европски натпревари во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и ЕХФ Купот.
Вардар го очекува двомеч со Висла Плоцк, како и домашен натпревар со Мелсунген и гостински двобој со Нант. Висла Плоцк имаше победничко загревање за гостувањето во Скопје и успеа да слави против Сласк Вроцлав со 43-25. Мирко Алиловиќ се врати во ростерот на Висла и заедно со Миљан Вујовиќ комбинираа десет одбрани, а меѓу стрелците се истакна Михал Дашек со девет, а по шест пати стрелаа Јанц, Сита и Бјере. Висла Плоцк по пет кола има пет победи во Полска.
Германскиот Мелсунген на свој терен беше подобар од Хановер со 28-22, додека Нант беше подобар од Данкерк на гостински терен со 31-24. Во тимот на Парондо, голманот Симиќ имаше 15 одбрани, а по четири гола дадоа Менсинг, Стефансон и Гола. Кај Нант голманот Бонде запиша девет интервенции, Брие даде шест гола, а Тарафета стрелаше пет пати.
Еурофарм Пелистер го чека дуел со Вибжеже Гдањск, кој во победничка атмосфера ќе го чека македонскиот вицепрвак. По високиот триумф кај Гумерсбах, Вибжеже славеше на домашен терен против Пјотрковија со 38-23, a најдобар стрелец беше Томчак со седум гола, додека екс пивотот на Вардар, Патрик Валчак не играше. Тимот од Гдањск по пет кола има три победи и два порази, од кои еден на домашен терен.
Бундеслигашот Гумерсбах по шокот во Лигата на Европа, загуби и на гостински терен кај Кил со 29-26, додека Ла Риоха беше подобра на домашен терен во Асобал лигата од составот на Пуерто Сагунто со 36-32. Во шпанскиот тим голманот Хоан Ледо одново блескаше и запре 19 удари, додека Пресиадо и Оливеира дадоа по шест гола. Кај Гумерсбах голманот Облинг запиша 14 интервенции, додека Шрулоф со шест и Видарсон со пет гола беа најефикасни.
Противникот на Охрид, Спор Тото запиша нова победа во турскиот шампионат. На домашен терен беше подобар од Гиресунспор со 39-23. Билим со осум и Озтурк со шест погодоци беа најдобри во тимот со кој ќе се соочат „гладијаторите“.
Ривалот на Бутел Скопје, хрватската Горица беше подобра од Трогир на домашен терен со 25-23. Чавар, Караула и Грубишиќ одново беа во центарот на вниманието, а голманот Сориќ имаше 15 интервенции, па бутелци веќе знаат од каде ќе доаѓа најголема опасност пред двомечот во ЕХФ Европскиот Куп. Горица заедно со Загреб се единствените екипи без пораз во Хрватска по четири одиграни кола.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.

























