Чупиќ пред Висла: Ќе ни треба најдобриот напад досега – во Скопје никој не смее лесно да мине

Вардар во четврток во „Јане Сандански“ (20:45) ќе ја пречека Висла Плоцк во третото коло од Лигата на шампионите. По двете квалитетни изданија кои не донесоа бодови, тренерот Иван Чупиќ посакува неговите ракометари конечно да бидат наградени со победа.

Чупиќ има голема почит кон полскиот состав, кој во последните сезони се наметна како една од водечките сили во европскиот ракомет.

„Висла е екипа која припаѓа меѓу десетте или дванаесетте најдобри во Европа. Долго време се заедно, имаат ист тренер и имаат континуитет. Нивните резултати во Полска и во Лигата на шампионите доволно зборуваат за квалитетот и амбициите. Во последните пет-шест години се наметнаа како број еден во Полска, во конкуренција со Келце, и тоа покажува колку се сериозна екипа“, изјави Чупиќ.

Тренерот на Вардар смета дека токму нападот ќе биде клучниот сегмент од играта на неговата екипа.

„Според мене, Висла во моментов ја игра најдобрата одбрана во Лигата на шампионите. Имаат тројца одбранбени специјалисти, многу се подвижни, агресивни и играат специфично. Нашиот напад мора да биде најдобар досега во оваа сезона. Мора да биде подобар од оној против Охрид, но и од натпреварот со Мелсунген. Сите сегменти мора да бидат на највисоко ниво – одбраната, враќањето, транзицијата и лесните голови, но ако морам да изберам еден клучен сегмент, тоа е нападот.“

Чупиќ верува дека поддршката од трибините може да биде дополнителната сила на „црвено-црните“.

„Добро се подготвуваме, имаме добра енергија и добро тренираме. Ги анализираме и нападот и одбраната на Висла. Во Јане Сандански’ никој не смее лесно да одигра и лесно да ги земе бодовите. Сакам двете добри изданија, за кои не бевме наградени, да ги крунисаме со победа и по три кола да имаме два бода“, порача Чупиќ.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾