Вицепрвакот славеше над Бутел за деветта победа во плеј-офот

Вицепрвакот во натпревар од 13. коло од плеј-оф фазата пред својата публика славеше над Бутел Скопје со 27:21. Бутелци на денешниот натпревар одиграа одлично во првиот дел, но во второто полувреме, односно од 35 до 45 минута домаќините ја направија потребната разлика за деветта победа во плеј-офот.

Во првите петнаесетина минути на семафорот имаше две четворки, резултатот беше 4:4. Во желбата да се направи исчекор и да се создаде барем резултатска предност од плус два, двете екипи се повеќе грешеа во нападите.

Свои моменти имаа двајцата голмани Галевски и Блажески, но ниту една од двете екипи не можеше да направи поголема разлика од еден гол. До крајот на полувремето двата табора наизменично се менуваа во водство, а по 30 минути игра резултатот беше 11:11.

По израмнетата игра во првите десет минути од вториот дел, домаќинот во 41 минута со голот на Дамјан Митев за првпат поведе со плус два, 17:15, а минута подоцна Серафимов со својот трет гол зголеми за 18:15. Домашиот тим го зголеми ритамот, успеваше да ги реализира контрите, ја подобри одбраната и во 45 минута дојде до поубедлива предност од 20:16.

Избраниците на Горан Кузманоски се обидуваа да дојдат до камбек, но во последните десет минути бркаа негатива од три до четири гола. Составот на Лазаров до крај ја сочува позитивата и успеа да дојде до деветта победа во плеј-оф фазата.

Најефикасен во победничката екипа беше Дамјан Митев со шест погодоци, додека во поразениот табор се истакна Владимир Јевтиќ со седум погодоци.