Ракометарите на Вардар славеа во Битола кај шампионот Еурофарм Пелистер со 35-34 и сега ќе ја имаат пол-позицијата во битката за титулата. Во драматичен натпревар, кој беше решен во последната секунда со голот на Дмитро Горига, вардарци се израдува на победа што може да биде многу значајна во следните пет кола. Вардар сега има 12 бодови на првото место, Еурофарм Пелистер е втор со 11 на втората позиција, но и покрај тоа титулата многу веројатно ќе се решава во Скопје на 7/8 јуни во последното коло.
Скопјани отворија со водство од 4-0, откако Крсманчиќ беше прецизен од пенал, а погодуваа и Лазаревски, Горига и Борозан. Првиот погодок на домашните кои промашуваа преку крилата во првите неколку акции, беше постигнат дури во седмата минута.
Вардарци ја одржуваа предноста од три до четири гола во продолжение, но следуваше налет на домаќините, кои намалија на 10-9. Истата приказна се повтори во уште два наврати до крајот на првиот дел, кога скопјани ќе поведеа со три или четири гола, а битолчани се враќаа на минус еден.
По водството на Вардар со 17-16, битолчани тргнаа во последен напад, но Еспиња се испречи пред Тајник и не дозволи на пауза да се оди со реми. Судиите Николов и Начевски досудија дури 16 пенали – девет за домаќините и седум за гостите, од кои беа реализирани седум, односно шест. Во вториот дел имаше уште 11 пенали на двете страни.
На стартот на вториот дел, шампионот за првпат израмни преку Манасков, 17-17, а потоа се играше гол за гол. Вардар лесно стигнуваше до голови, а Борозан имаше неколку атрактивни погодоци во серија и кога „ѓаволот ја однесе шегата“, Алонсо мораше да бара тајм-аут.
Домаќините пак имаа мала криза во играта и „црвено-црните“ отидоа на плус четири, 24-20, а Еспиња го запре и пеналџијата Манасков. Но и Митревски фати два зицери, по неговите реализираа три напади и шампионот одново беше во игра за позитивен резултат, 25-24, кога остануваа петнаесетина минути за играње.
Во следниот период ништо особено не се смени, Вардар одржуваше предност од еден до два гола разлика, но борбените пелистерци преку непогрешливиот Манасков кој стигна до десет гола израмнија на пет минути до крајот, 31-31. Во следната акција битолчани останаа без Абутовиќ, кој доби црвен картон поради остар старт над Борозан.
Но и Црногорецот беше исклучен откако не ја остави топката навреме по досуден фаул во напад, па силите беа израмнети на теренот. Хосни направи пробивање и Вардар казни преку Горига, 33-31.
Алонсо побара тајм-аут на три минути до крајот, бидејќи знаеше дека неговите избраници немаат право на грешка. На стартот на последната минута Митревски одбрани шут на Горига кога беше 34-33, а битолчани тргнаа во напад за реми кој го реализира Кузмановски.
Останаа дваесетина секунди за играње, Милано побара тајм-аут, а Вардар преку Горига кој упати шут во послената секунда и погоди, се израдува на триумф во Битола, што го носи во пол-позиција за титулата.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Крсманчиќ со 11 гола, а по седум постигнаа Горига и Борозан, додека голманот Еспиња имаше 11 интервенции. Митревски во редовите на шампионот запиша девет одбрани, Манасков постигна десет, а Кузмановски имаше девет реализации.