Ракометарите на Вардар со пораз ја отворија новата сезона во Супер лигата, откако загубија кај „сино-белите“ во Автокоманда со 33-30. Во првото полувреме домашните водеа со четири гола, но Вардар беше упорен и успеа да се врати во игра, дури и поведе со еден гол, ама сепак на пауза замина со минимална негатива. Во вториот дел имаше сличен тек на настаните. Домашните имаа контрола, се враќаа вардарци, но постабилен и посигурен беше тимот на Лазаров, кој беше предводен од Митев и Серафимов, за кои „црвено-црните“ немаа решение.
Во првиот дел натпревар беше резултатски израмнет, иако и двете екипи имаа свои моменти. Особено домаќините кои во еден момент водеа и со три гола, 8-5, но вардарци преку Лазаревски се вратија во егал, 9-9.
Домаќините немаа многу решенија за десниот бек Маргели, кои со неколку проектили го одржуваше Вардар во резултатска рамнотежа. „Црвено-црните“ водеа во финишот на полуремето, 16-15, но дозволија да примат два гола, за предност на тимот од Автокоманда на паузата.
Се играше гол за гол на стартот на вториот дел, но потоа вардарци снемаа идеја во нападот и тимот на Лазаров казни во контранапад преку Ѓорѓиев и преку Костески од пенал за плус четири, 25-21, највисоките што во текот на мечот ги имаа домашните.
„Црвено-црните“ намалија на минус два, но следуваа промашувања на Родригез и Јагуриновски, па „сино-белите“ одново беа на безбедни четири гола разлика. Недановски ги внесе во игра Танкоски и Николиќ, малку се забрза нападот и во завршните осум минути беше 30-27.
Георгиевски и Коиј реализираа набрзина, беше најавена драма во финишот. Домашниот напад затаи, немаше течност во додавањата, но Серафимов даде значаен гол кога неговиот тим беше во пасива за 32-29. Потоа Галевски фати еден зицер и ги извлече неговите соиграчи од пролбеми.
Кога Митев погоди за 33-29 веќе немаше дилеми дека бодовите остануваат во Автокоманда. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Митев и Серафимов со по осум гола, а исто толку одбрани запиша и голманот Галевски. Во тимот на Вардар се истакнаа Лазаревски со шест, како и Маргели и Горига со по четири погодоци.