Македонскиот првак Вардар требаше да го пречека Младост Богданци во третото коло од Супер машката лига, но двете екипи ги заменија домаќинствата, па „црвено-црните“ ќе гостуваат во Богданци.
Поради зафатеност на СЦ „Јане Сандански“ со Европскиот Куп во џудо, Вардар ќе биде „домаќин“ во Богданци, а салата „Млаз“ по долго време ќе го види шампионот. Мечот од 14 коло кога Младост требаше да го пречека Вардар ќе се игра во Скопје.
Нема сомнеж дека „Млаз“ ќе биде исполнета до последното место в сабота од 18:00 часот, а Младост Богданци мотивиран ќе ги дочека „црвено-црните“.
Избраниците на Горан Андоновски освоија бод кај Бутел Скопје, а против Прилеп загубија добиен натпревар. Вардар почна со убедлив триумф над Еурофарм Пелистер 2, а потоа ги освои бодовите и во Куманово.
























