Норвешка беше еден од домаќините на машкото ЕП 2026, имаше полна сала на големите натпревари и публика над очекувањата, но на крајот остана со огромна финансиска загуба. Ракометната федерација сега предупредува дека вакви првенства повеќе не може да организира под исти услови.
Да организираш Европско првенство, да имаш полни трибини и голем интерес, а на крајот да загубиш речиси 900.000 евра. Токму тоа ѝ се случи на Норвешка по машкото ЕП 2026, кое го организираше заедно со Данска и Шведска.
Норвешката ракометна федерација објави дека нејзиниот дел од организацијата завршил со минус од околу 9,5 милиони норвешки круни, што според актуелниот курс е приближно 882.000 евра. Иако сумата е огромна, таа дури е подобра од планираното – првично било буџетирано загубата да достигне 14,5 милиони круни.
Генералниот секретар на федерацијата, Ерик Лангеруд, призна дека организацијата
била свесен ризик, но порача дека моделот мора да се менува.
„Не е супердраматично, но не можеме вака да продолжиме“, порача Лангеруд.
Најинтересно е што проблемот не бил во интересот на навивачите. Норвешка организираше две групи во „Јунити Арена“ во Берум, а на дуелот со Франција имало максимални 9.000 гледачи. Од федерацијата велат дека вкупната посетеност била дури подобра од она што било предвидено во буџетот.
Дополнителен хит беа Фарските Острови. Нивната репрезентација донесе огромен број навивачи во Норвешка, па на своите три натпревари во групната фаза имала само 964 гледачи помалку од домаќинот Норвешка. Тоа значело полни хотели, ресторани, транспорт и потрошувачка низ градот – но не и профит за организаторот.
„Кога сите заработуваат од првенството, освен организаторот, тогаш нешто не е во ред“, оцени Лангеруд.
Клучната разлика се крие во инфраструктурата. Данска и Шведска своите натпревари ги организирале во веќе подготвени ракометни арени и завршиле со финансиски плус. Норвешка, пак, морала да ја адаптира „Јунити Арена“ за ракомет, а само тој зафат чинел меѓу 12 и 14 милиони норвешки круни.
Според Лангеруд, токму тој трошок практично ја направил разликата меѓу профит и загуба. Интересно е што една година претходно, при организацијата на Светското првенство 2025 во истата адаптирана арена, норвешката федерација завршила со плус од 3,5 милиони круни. Но тогаш од државата добила финансиска помош од 10 милиони круни, а за ЕП 2026 таква поддршка немало.
Финансискиот резултат веќе има конкретна последица. Норвешката федерација летово ја повлече заинтересираноста за организација на машкото и женското Европско првенство во 2034 година, па Македонија, заедно со Србија и Словенија стануваат фаворити да ја добијат организацијата за машкото ЕП.
Пораката е јасна – ако нема соодветна арена и финансиска поддршка од државата или друг извор, Норвежаните не сакаат повторно сами да ја преземаат огромната финансиска опасност.
Сепак, земјата веќе има преземено обврска да биде кодомаќин на женското ЕП 2028 заедно со Данска и Шведска, а во 2031 година ќе го организира машкото Светско првенство заедно со Данска и Исланд.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗

























