Тимот на Охрид по ремито со Еурофарм Пелистер и триумфот над Струга на домашен терен, ќе го одигра третиот меч во новата сезона од Супер машката лига.
Амбициозниот состав на Борис Ројевиќ ќе гостува кај Бутел Скопје, кој го подмлади ростерот ова лето, а на клупата почна нова страница со легендарниот Стојанче Стоилов.
Десниот бек на Охрид, Томислав Јагуриновски смета дека неговиот тим е фаворит, но тоа мора да се покаже на терен.
„Играме против Бутел Скопје, млада и перспективна екипа која сигурно ќе влезе мотивирано и со многу енергија. Ние сме фаворити и тоа мора да го покажеме на терен, со сериозен пристап и максимална концентрација од почеток до крај. Се надевам дека ќе одиграме добар натпревар и ќе се вратиме со победа“, изјави Јагуриновски.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Охрид се игра в сабота од 17:00 часот во салата „Антон Димитров“.
























