Унгарскиот Веспрем славеше важна победа на гостувањето кај Фуксе Берлин со 35-29, која му ја отвори вратата кон првото место во групата во која се уште Партизан и Порто. Веспрем уште во првото полувреме најави дека е дојден во Германија по бодови, играше како по ноти, Нилсен бранеше тоа што треба и гостите водеа со седум гола.
Гидсел во првиот дел беше задржан на само три гола, но се разигра во второто полувреме и во комбинација со одличниот Паличка на голот, Фуксе Берлин стигна на негатива од минус еден, 25-24. Но тогаш Апелгрен му одбрани пенал за реми на Грондал и колата одново тргна надолу за домашниот состав.
Веспрем не дава втора шанса и египетското трио Хешам, Али Зеин и Адел, помогнати од сигурниот реализатор на пенали, Деска, успеаја да донесат безбедни плус пет, 30-25, кои во последните пет минути беа успешно сочувани.
Најдобри стрелци кај Веспрем беа Деска со девет и Хешам со седум гола, а Нилсен собра 11 интервенции. Во редовите на Фуксе Берлин, Паличка запре 12 удари, додека Гидсел постигна десет погодоци.
Изненадување приреди данскиот ГОГ Гудме, кој го совлада ПИК Сегед со 36-34, а унгарскиот вицепрвак запиша втор пораз во три дена по оној во домашното првенство од Татабања.
Домашните водеа во два наврати со по четири гола 22-18, 29-25, но на пет минути до крајот ПИК Сегед израмни на 32-32, но кога требаше да го направат завршниот чекор гостите погрешија два пати, Јелиниќ доби црвен картон, а победата на ГОГ Гудме ја потврди Зендер од пенал во последните секунди.
По десет гола за ГОГ Гудме дадоа Оли Митун и Мануел Зендер, додека голманот Мелер запиша десет одбрани. Во составот од Унгарија се истакна Рошта со седум реализации.
ПСЖ се намачи на мечот со Загреб, но на крајот славеше со 34-30. Отворија домашните со водство од шест гола, 10-4, но како одминуваше времето, така хрватскиот првак се враќаше во егал, а пред паузата Бељавски погоди и за комплетен пресврт, 17-16, но Пранди и Мараш се погрижија за ПСЖ да ја има предноста по првиот дел.
Во последните десетина минути Загреб влезе со предност 28-27 со голот на Николиќ, гостите не искористија прилика за плус два, па беа сурово казнети. Работите во свои раце ги преземаа Стеинс и Пранди, Локвист одбрани кога требашее и ПСЖ со серија од четири гола за 31-28 ја заврши својата работа. Десет гола даде Јахја за ПСЖ, а шест за Загреб постигна Бељавски.
Португалскиот првак Спортинг Лисабон славеше втора убедлива победа, откако по триумфот над ГОГ Гудме минатата недела, сега го наполни голот и на втор скандинавски тим – Кристијанштад, кој беше немоќен на домашен терен, 37-29.
Победникот беше најавен уште по првиот дел кога Спортинг имаше плус шест, 22-16, а во второто полувреме само рутински ја доврши работата. Торкелсон беше најдобар стрелец со осум гола, а Мартим Кошта даде седум, додека голманот Али запиша 12 интервенции. Во домашниот тим се истакна Нилсен со седум погодоци.
Келце без особени проблеми го надигра Колстад и го совлада на гости со 36-29. Предводници на полскиот шампион беа Влах со девет гола, како и Рабчински и Конку со по пет погодоци, додека Берге даде седум гола за домаќинот.
Лига на шампиони, 2 коло:
група А
17/09, Порто – Партизан
Фуксе Берлин – Веспрем 29-34
група Б
17/09, Висла Плоцк – Мелсунген
Вардар – Нант 32-33
група Ц
ПСЖ – Загреб 34-30
17/09, Целје – Алборг
група Д
ГОГ Гудме – ПИК Сегед 36-34
Кристијанштад – Спортинг Лисабон 29-37
група Е
17/09, Монпелје – Барселона
17/09, Архус – Динамо Букурешт
група Ф
Колстад – Келце 29-36
17/09, Криенс Луцерн – Магдебург

























