Навивачите на РК Вардар со еден сезонски билет ќе можат да ги следат домашните натпревари на црвено-црните во Лигата на шампионите, домашното првенство и Регионалната лига. Продажбата треба да започне во следните неколку дена.
РК Вардар ја објави цената на сезонскиот билет за сезоната 2026/27. Навивачите за 4.500 денари ќе добијат пристап до домашните натпревари на клубот во три различни натпреварувања – Лигата на шампионите, македонското првенство и Регионалната лига.
Продажбата сè уште не е започната, но од клубот најавуваат дека тоа ќе се случи во следните неколку дена. Во моментов се тестира платформата преку која ќе се одвива продажбата, а точниот термин дополнително ќе биде објавен.
За натпреварите кои ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“, сопствениците на сезонски билети ќе имаат свое место во салата, кое ќе можат да го изберат при купувањето.
Во „Јане Сандански“ ќе се играат сите домашни натпревари на Вардар од Лигата на шампионите, како и дерби средбите со Еурофарм Пелистер, Охрид и Алкалоид во регуларниот дел и во разигрувањето за титулата. Во оваа сала ќе се играат и оние натпревари од Регионалната лига за кои ќе има поголем интерес.
Дел од средбите во домашното првенство и Регионалната лига ќе се играат во „Расадник“. Таму нема да има нумерирани седишта, но сезонската карта ќе обезбедува влез и за тие натпревари.
Продажбата на сезонските билети првично ќе се одвива исклучиво онлајн преку продажната мрежа на РК Вардар. Евентуална физичка продажба на печатени билети ќе биде дополнително најавена.
Откако ќе заврши продажбата на сезонските билети, клубот ќе започне и со продажба на поединечни билети за натпреварите.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























