Германија ја урна непобедливата Словенија и ја освои европската круна!

Германските кадети ја освоија титулата на кадетското ЕП во Србија, откако во финалето во салата „Александар Николиќ“ ја совладаа Словенија со убедливи 36-27 (17-11).

Германија до четвртата европска титула стигна со феноменален пресврт во првото полувреме. Словенија водеше со 8-5, но Германците направија неверојатна серија од 12-3 и на пауза заминаа со шест гола позитива.

Во второто полувреме предноста дополнително се зголеми, а Германија во еден момент водеше и со 20-11, по што рутински го приведе мечот до крај.

Најефикасен кај новиот европски шампион беше Винсент Фациуев со осум гола, додека Тобијас Денглер блесна на голот со 10 одбрани и беше избран за играч на натпреварот.

За Словенија ова беше историско прво финале на кадетско ЕП, но не успеа да ја круниса совршената серија од седум победи пред финалниот меч. Германија последен пат беше европски шампион во 2021 година, а претходно златото го освојуваше и во 2008 и 2012 година.