Вардар со триумф, и тоа двоцифрен, 43-22 (20-13) над Бутел заминува на зимска пауза, покажувајќи дека иако е последен меч за календарската 2024 се уште имаат мотив и желба за докажување и играње. Градскиот ривал немаше никакви шанси да биде ни блиску до ситуација да направи некој „брејк“. Освен во почетните минути кога разликата беше 1-2 гола, потоа се беше во знакот на „црвено-црните“.
Домашните играа без повеќе ракометари: Георгиевски, Петриќ, Мело, Ашраф, Стојановски и Коиј, но тоа воопшто не влијаеше на резултатот. Доминираа домашните во секој поглед.
Повеќе минутажа добија Стаменковиќ, Ќосевски, Богдановски, Стојановски, а двоцифрената разлика што вардарци ја направија не ја испуштија до крај на средбата.
Гостите се држеа додека можеа, но влегоа во „машината“ на Вардар, па некогаш и поради сопствените грешки му дозволија на противникот да направи сериозна гол предност. Борбени беа младите бутелчани, ама не издржаа. Потенцијалот на тимот е евидентен, и би било штета ако не изборат место во плејофот.
Дмитро Горига со 6 гола, и Марко Срдановиќ и Матија Николиќ со по 5 гола беа најефикасни кај Вардар, а Тодор Узунчев со 7 најпрецизен кај Бутел Скопје.