Три ракометарки постигнаа по десет гола, Вардар триумфално против Атлетик

Ракометарките на Вардар полесно од очекувањата славеа со 33-28 во натпреварот од 6 коло во Супер женската лига.

Натпреварот го одбележаа ракометарката на Вардар, Леона Миленкоска, како и двете членки на Атлетик, Сара Богојеска и Анастасија Величковска, кои постигнаа по десет погодоци.

По 6-6 по десетина минути, Вардар отиде на плус три, 9-6, и оттогаш до крајот на натпреварот не ја испушти предноста, која не беше помала од три погодоци. На паузата избраничките на Даниела Новеска водеа со 14-11, а во вториот дел немаше големи возбудувања.

Покрај Миленкоска, во победничкиот состав се истакнаа Трифуновска со седум, Тодоровска со шест и Мила Лашкоска со пет погодоци, а кај Атлетик пет пати погоди Дамјановска.

Во следното коло по ЕХФ паузата, Вардар ќе го пречека Пелистер, додека Атлетик ќе му гостува на Ѓорче Петров 2.