Една од најконстантните голманки во македонскиот женски ракомет, Кристина Младеновска Кузмановска му кажа збогум на ракометот.
По повеќе од дваесетина години активно играње ракомет, Младеновска Кузмановска реши да се повлече од терените како играч.
Својот последен натпревар го одигра во текот на вчерашниот ден кога се сретнаа нејзиниот последен клуб Астибо и нејзиниот претходен клуб, Овче Поле СУ.
„Можеби не постигнав врвни резултати, но знам дека уживав во секој миг на теренот, а сметам дека тоа е најбитното нешто во спортот. Да уживаш додека го играш, без разлика на се…“, напиша популарната „Кише“.
По крајот на мечот следуваа пригодни подароци, измешани чувства, аплаузи, но и евоцирање спомени од целата кариера.
Младеновска Кузмановска ќе продолжи да работи во областа на спортската психологија и да го пренесува своето знаење на младите спортисти.
Во повеќе наврати во минатото беше прогласувана за „Ѕвезда на колото“ во изборот на 24Ракомет по нејзините одлични настапи.
























