Уште едно голманско засилување за шампионот – Филип Ивиќ доаѓа во Еурофарм Пелистер!

По Никола Митревски, шампионот Еурофарм Пелистер промовираше уште едно засилување за следната сезона.

Станува збор за хрватскиот репрезентативен голман Филип Ивиќ, кој доаѓа од францускиот Шамбери.

„Ни претставува особено задоволство што повторно во дресот на Еурофарм Пелистер ќе игра хрватски репрезентативец. Голманот со големо интернационално искуство, Филип Ивиќ, е нов член на нашиот клуб. 31-годишниот Ивиќ доаѓа во Битола како слободен ракометар по истекот на договорот со францускиот Шамбери. 195-сантиметри високиот загрепчанин кариерата ја започна во матичниот клуб, играше во полскиот Киелце, бундеслигашот Гумерсбах, словенечкиот Целје Пивоварна Лашко, па пак назад во Загреб и минатата сезона во Шамбери. Ивиќ долги години го носи дресот на националниот тим и настапи и на последното Европско првенство во Германија. Новиот голман на Еурофарм Пелистер потпиша договор на 1+1 година со нашиот клуб“, се вели во објавата на шампионот.

Ивиќ потекнува од Загреб, бранеше за полскиот Келце, германскиот Гумерсбах и  словенечкиот Целје, пред да замине во Франција.

Тој беше во комбинација за настап на квалификацискиот турнир за Олимписките игри, но отпадна во последен момент поради повреда на окото.

Ивиќ и Митревски ќе бидат замени за Урбан Лесјак и Калифа Гедбан, кои заминуваат во Тримо Требње, односно Ерланген.