Тунижанецот останува во Битола: Хосни уште една сезона во Еурофарм Пелистер!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер објави дека е продолжена соработката со десниот бек Усама Хосни.

Клубот и тунискиот репрезентативец се договорија за нов договор, па Хосни и следната сезона ќе остане во Битола.

Тој минатото лето се врати во Македонија и го облече дресот на македонскиот шампион, по успешната сезона 2022/23, по која за кратко замина од Битола.

32-годишниот Хосни со Еурофарм Пелистер има една титула во Супер лигата и еден трофеј во Суперкупот на Македонија. Сезонава во Лигата на шампионите Хосни настапи на 14 натпревари и постигна 24 гола.

Тунискиот репрезентативец го носеше дресот на Ал-Араби во сезоната 2023/24. Освен во Македонија и Кувајт, Хосни настапуваше во својата земја, во Франција и Катар.