ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Муше верен на Магдебург, Ек Ага продолжи со Колстад, Мартиновиќ оди во Кадетен

  • Левото крило на Магдебург, Матијас Муше, кој цела кариера ја мина во редовите на актуелниот европски првак, го продолжи договорот за уште три сезони и ќе остане најмалку до 2027 година.
  • Средниот бек на Колстад, Ветле Ек Ага, е последниот на листата ракометари што ги продолжија договорите. Ек Ага се договори за соработка до 2027 година, и се чини дека финансиските проблеми се минато за Колстад.
  • Рајн Некар Левен се договори за соработка со искусното десно крило Тобијас Рајхман до крајот на сезоната. По повредата на Патрик Грецки, „лавовите“ најдоа замена во екс германскиот репрезентативец кој претходно ги бранеше боите на Емсдетен, а настапуваше и за Вецлар, Кил, Мелсунген и Келце, со кој освои титула во ЛШ.
  • Левото крило на швајцарскиот Фади Винтертур, Ноам Леополд, на лето ќе стане играч на францускиот Нант. Тој потпиша договор до 2027 година и ќе му се придружи на Валеро Ривера на левата крилна позиција.
  • Швајцарскиот првак Кадетен Шафхаузен го ангажираше десниот бек од АЕК Атина, Патрик Мартиновиќ, кој уште сега на полусезона ќе се пресели во тимот на Хрвоје Хорват. Договорите ги продолжија левото крило Марвин Лиер и левиот бек Зоран Марковиќ до 2026 година, а Швајцарците објавија дека нивен нов играч од лето е 33-годишниот среден бек Хуан Кастро Алварес, кој доаѓа од Адемар Леон.