Некогашниот голман на Вардар, Робин Кантегрел, и понатаму ќе продолжи да брани во Германија. Францускиот чувар на мрежата потпиша нов договор со Елбфлоренц Дрезден до 2028 година.
Тимот на Мелсунген, каде тренер е Роберто Гарсија Парондо, за наредната сезона го бара десното крило Филип Главаш. Хрватскиот репрезентативец беше поврзуван со Фленсбург, но таму Словенецот Новак потпиша договор до 2031 година.
Полската репрезентативка Александра Олек го засили хрватскиот првак Подравка во јануари и ќе му биде на располагање на Ивица Обрван во пролетниот дел од сезоната. Таа доаѓа од романската Дунареа Браила.
Левиот бек Емили Арнцен по една сезона во данскиот Икаст, ќе се врати во романскиот ракомет каде играше за ЧСМ Букурешт. Арнцен потпиша со Олчим Валчеа до 2028 година.