Македонскиот претставник во Европскиот Куп, Тиквеш, доживеа елиминација во второто коло, откако на реванш дуелот против Кремс не успеа да ја сочува предноста од првиот одигран натпревар (33:29) и беше поразен со 33:25.
По нерешените 1:1, домашниот тим со два гола во низа дојде до 4:1 во воведните пет минути. Тиквеш за тоа време имаше два нереализирани напади, додека домаќинот беше на 100%, односно беше без промашување. Тиквеш влезе во грч, не можеше да фати ритам на почетокот, па така Кремс прокнижи уште два гола и во 10 минута имаше плус пет, 6:1.
Кавадарчани за вториот гол чекаа цели десет минути, па така средниот бек Симиќ со својот втор гол намали на 6:2. Ниту домашниот тим не играше на ниво и не ги искористуваше целосно грешките на македонскиот тим, кој кон средината на првиот дел заостануваше на 8:3. Ракометарите на Кремс играа мотивирано, не оставаа премногу простор за напредок во играта на избраниците на Матлиески и во 20 минута ги имаа дотогаш највисоките плус шест гола разлика, 12:6.
Тиквеш за успеа да се консолидира, направи серија од 3:0, ја преполови негативата и се доближи на 12:9. Кремс до 27 минута водеше со три до четири гола разлика, потоа повторно се врати на посакуваните плус пет, 15:10, додека по 30 минута игра на семафорот стоеше 17:13 во корист за домашниот тим.
Второто полувреме започна со гол на домаќините, кои зголемија на 18:13. Составот на Тиквеш исто како и во првото полувреме лошо започна и во вториот дел. Австрискиот тим во 35 минута ја врати највисоката предност од првиот дел победувајќи со 19:13, а по пет минути игра, односно во 40 минута имаше и седум гола разлика, 22:15.
Во 42 минута црвен картон поради три исклучувања заработи кружниот напаѓач на Тиквеш, Никола Стефановиќ. Тоа беше уште еден проблем плус за кавадарчани, домаќините веќе во 45 минута заминаа на 24:15 и до финишот осетно го зголемија водството, водеше и со над десет гола разлика.
Најефикасни во редовите на Тиквеш со по пет погодоци беа Кристијан Анастасовски, Страхиња Симиќ и Мирко Мајиќ, три постигна Никола Стефановиќ, два запишаа Орданчо Лазов, Мартин Манасков и Аби Обина, додека еден гол постигна Евгениј Темелкоски.