Тиквеш останува без двајца странци: Мајиќ и Стефановиќ заминуваат од Кавадарци!

Амбициозниот Тиквеш, покрај промената во стручниот штаб, ќе има и големи промени во играчкиот кадар претстојниот период. По дуелот со Охрид, кој е закажан за среда на 29 мај, од Кавадарци заминуваат левото крило Мирко Мајиќ и кружниот напаѓач Никола Стефановиќ.

Црногорецот Мајиќ мина една сезона во Тиквеш, откако дојде од Бутел Скопје, а претходно играше за МАКС Струмица и Радовиш.

Србинот Стефановиќ одигра три сезони во кавадаречкиот состав и беше меѓу најзначајните алки во составот.

Раководството на кавадарчани ќе бара и нов стратег, бидејќи Раде Стојановиќ се сели во словенечкиот Тримо Требње.

Најголем дел од актуелниот ростер ќе го продолжи својот престој во Кавадарци, наскоро ќе биде промовиран новиот тренер, како и новите засилувања за наредната сезона во која ќе се влезе со големи амбиции. Оваа сезона кавадарчани обезбедија историски пласман на Ф4 во Купот на Македонија, а дебитираа и во Европа.