СТРУГА 2026: Прилепчани со струшки тренер доаѓаат на турнирот и мислат на плеј-оф

Струга од 12 до 15 авгиуст повторно ќе живее со ракометот, а покрај Црн Дрим ќе се одржи вистински ракометен фестивал исполнет со добри натпревари, полни трибини и незаборавна атмосфера. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а во пресрет на неговиот почеток ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.

Прилеп со четири нови ракометари и со големи амбиции ќе настапи на 54. издание на турнирот во Струга. За стружанецот Наум Танески ова ќе биде посебно враќање покрај езерото – првпат ќе учествува на турнирот како тренер на екипа различна од Струга.

Најстариот ракометен турнир во Македонија и годинава ќе го означи почетокот на новата сезона. Со него, почнува ракометната магија во Македонија. Од 12 до 15 август, на отвореното игралиште покрај Охридското Езеро, ќе се одржи 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“.

По неколку сезони минати во суперлигашкиот плеј-аут, во Прилеп не ги кријат повисоките амбиции. Целта во сезоната 2026/27 е пласман во домашниот плеј-оф, а потоа и обезбедување место во европските купови. Екипата и во новата сезона ќе ја предводи Наум Танески, кој го продолжи договорот со клубот и доби можност да го надгради тимот што минатата сезона беше најдобар во плеј-аут конкуренцијата.

Прилеп го задржа и капитенот Димитар Димитриоски, најдобриот стрелец во Суперлигата во минатата сезона. Тој повторно треба да биде еден од главните адути во нападот, заедно со Никола Цветаноски, Денис Шабановиќ и црногорскиот интернационалец Владан Кастратовиќ.

Клубот летово доби и значајна финансиска поддршка од Општина Прилеп, што треба да помогне во реализацијата на амбициозните планови и создавањето постабилна екипа.

Првите вистински проверки ќе бидат во Струга

Прилеп ги започна подготовките на крајот на јули, а дуелите во Струга ќе бидат првата можност за Танески да види како функционира обновениот состав на натпревар.

Во клубот пристигнаа четири нови ракометари – голманот Благојче Трајкоски, левиот бек Андреј Стојановски, повратникот Стефан Лозаноски и пикерот Петар Маркоски.

Искусниот Трајкоски треба да донесе сигурност меѓу стативите, додека 22-годишниот Стојановски доаѓа од Пролет и зад себе има настапи за младинските репрезентации на Македонија. Лозаноски се враќа во Прилеп по интернационалните ангажмани во Грција, а Маркоски треба да ја зголеми конкуренцијата на пивотменската позиција.

За Танески резултатот на подготвителните натпревари нема да биде во преден план. Најважно ќе биде новите ракометари да се вклопат, екипата да започне со воигрување и стручниот штаб да добие појасна слика за формата на секој играч.

„Ова ќе бидат нашите први контролни натпревари. Турнирот ќе го искористиме за воигрување на екипата и за проверка на формата на ракометарите“, вели Танески.

 

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

 

Посебно враќање за Танески

Турнирот во Струга има посебно значење за тренерот на Прилеп. Танески кој е роден стружанец долго време го носеше дресот на Струга, а подоцна го предводеше клубот и од тренерската позиција.

Тој добро ја познава атмосферата на отвореното игралиште, публиката и значењето што турнирот го има за градот. Оваа година, сепак, првпат ќе биде на спротивната страна и ќе го води Прилеп.

„Турнирот е посебен и еден од ретките што се играат на отворено и покрај езеро. Токму тоа му дава посебен сјај. Како играч многупати сум настапувал во дресот на Струга, а на турнирот сум учествувал и како тренер. Ова ќе биде мое прво учество како тренер на друга екипа“, истакнува Танески.

Неговото познавање на условите и турнирската атмосфера може да биде значајно за прилепскиот состав, особено за ракометарите што првпат ќе играат на отвореното игралиште во Струга.

Силна група со Вардар и Бутел
Прилеп се најде во група со Вардар и Бутел Скопје. Танески е свесен дека неговата екипа ја очекуваат две сериозни проверки уште на почетокот на подготовките.

Вардар во Струга пристигнува како актуелен освојувач на двојната круна во македонскиот ракомет и како екипа што во минатата сезона имаше успешен настап на европската сцена.

Бутел, пак, во новата сезона ќе влезе со подмладен состав и со Стојанче Стоилов на тренерската позиција. Во Прилеп очекуваат младиот скопски тим да биде незгоден ривал за секој противник.

„Во група сме со шампионот Вардар и со Бутел. Вардар доминираше во минатата сезона во домашното првенство и имаше успешен настап во Европа. Бутел заврши на петтото место, но годинава има доста подмладена екипа и со Стојанче Стоилов на кормилото ќе биде опасен за сите противници“, смета тренерот на Прилеп.

Танески нема дилема околу тоа кој е главниот кандидат за освојување на турнирот.

„Вардар е фаворит за освојување на турнирот“, кратко порача Танески.

Целта е плеј-оф и враќање во Европа

Резултатите на турнирот нема да бидат најважни за Прилеп, но средбите со квалитетни ривали треба да покажат дали екипата се движи во посакуваната насока.

Главната цел е Прилеп по неколку сезони повторно да се најде меѓу најдобрите екипи во државата.

„Целта за новата сезона е пласман во плеј-офот и обезбедување учество во европските купови“, вели Танески.

Прилеп има убав период зад себе од 2014 до 2016 година, кога беше дел од врвот на македонскиот ракомет. Клубот настапуваше и во ЕХФ Купот во 2016 година, а со години има континуитет во најсилната домашна конкуренција.

Новото раководство и стручниот штаб сакаат постепено да го вратат клубот на тие позиции. Првиот чекор ќе биде направен во Струга, каде што прилепчани ќе ја проверат формата против Вардар и Бутел.

По настапот покрај езерото, Прилеп ќе биде дел и од традиционалниот домашен меморијален турнир „Миле Нешкоски“, кој ќе се одржи од 20 до 23 август.

ПРИЛЕП – клупски информации
СОСТАВ
Голмани: Благојче Трајкоски, Никола Стојкоски, Иван Ангелески
Играчи: Димитар Димитриоски, Денис Шабановиќ, Марио Столески, Владан Кастратовиќ, Никола Цветаноски, Андреј Стојановски, Стефан Лозаноски, Филип Адамчески, Никола Шипинкоски, Александар Тренчески, Петар Маркоски, Михаил Седлоски, Бобан Вренцоски, Андреј Бошкоски, Бојан Стојкоски, Драган Тутески, Дамјан Талески, Ангел Крстески

Стручен штаб: Наум Танески, Менде Петлески, Ѓоко Божиноски, Кристи Шокоски, Рубинчо Седлоски

ИГРАЧИ КОИ ДОЈДОА: Благојче Трајкоски, Андреј Стојановски, Стефан Лозаноски, Петар Маркоски

ИГРАЧИ КОИ ЗАМИНАА: Илчо Ивчески, Божидар Илиески, Томислав Квастек, Пеце Рајатоски

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ ВО СТРУГА
12 август
18,30 ч. Вардар – Прилеп

13 август
18,30 ч. Прилеп – Бутел

15 август
Меч за пласман

* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ

 

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…