ПОТВРДЕНО: Македонија кандидат за домаќин на машкото ЕП 2034!

Стануваат сè пореални шансите Македонија првпат во историјата да биде домаќин на најдобрите европски селекции во машка сениорска конкуренција.

Ракометната федерација на Македонија (РФМ), заедно со федерациите на Србија и Словенија, деновиве интензивно работи на финализирање на деталите околу заедничката кандидатура за организација на Европското првенство во 2034 година.

Информацијата ја обелодени првиот човек на српскиот ракомет, Божидар Ѓурковиќ, кој откри дека претставниците на трите федерации во изминатиот период одржале три состаноци и дека начелно е постигнат договор околу моделот според кој би се организирал шампионатот.

Според планот, Македонија, Србија и Словенија би биле рамноправни домаќини во првата фаза, при што во секоја од трите земји би се играле по две групи, додека завршниот викенд би се одржал во Србија.

„Во изминатите денови имавме три состаноци со претставниците на федерациите на Македонија и Словенија и начелно се договоривме околу сè. Пред официјално да ја објавиме заедничката кандидатура, потребна ни е согласност. Договорот е Европското првенство да се игра во три држави, во секоја да има по две групи, а Србија да биде домаќин на финалниот викенд“, изјави Ѓурковиќ.

Претседателот на српската федерација смета дека заедничката кандидатура има сериозни шанси да ја добие довербата за организација на континенталниот собир, пред сè поради инфраструктурата и организациското искуство со кое располагаат трите земји.

„Имаме големи шанси да го добиеме домаќинството. Сите три земји имаат организациски можности и верувам дека тоа ќе биде добро. Постои можност да добиеме организација и на натпреварувања за помладите категории“, дополни Ѓурковиќ.

За Македонија, евентуалното добивање на организацијата би претставувало уште едно големо признание за РФМ и за организациските способности на македонскиот ракомет. Нашата земја во минатото беше домаќин на најдобрите селекции во женска конкуренција, како и на неколку врвни светски и европски собири во младинските категории.

Сепак, евентуалното добивање на организацијата на машкото ЕП 2034 дефинитивно би претставувало најголемиот ракометен настан досега организиран во Македонија.