Темелкоски: Дуелот со Пролет нема големо значење, но сакаме победнички крај дома

Ракометарите на Тиквеш ги очекува претпоследниот натпревар оваа сезона во суперлигашкиот плеј-оф.

Ривал на избраниците на Раде Стојановиќ ќе биде составот на Пролет, а десното крило Евгениј Темелкоски очекува победнички крај на домашен терен.

„Натпреварот со Пролет е претпоследен за сезонава, но последен на домашен терен. Иако нема некое големо значење во распоредот на табелата, сепак пред се сакаме да одиграме добар и ефикасен натпревар и да ја израдуваме нашата верна публика за последен пат оваа сезона“, вели Темелкоски.

Пролет иако обезбеди плеј-оф, не беше конкурентен за местата за европските купови оваа сезона.

„Екипата на Пролет можеби не ја игра својата најдобра сезона, но мора да се стави акцент на тоа дека е составена од искусни играчи и млади талентирани играчи кои сакаат секогаш да се надигруваат. Ние како и секогаш ќе го дадеме максимумот на терен и верувам дека со поддршката од трибините трите бода ќе останат во Кавадарци“, заврши Темелкоски.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Пролет се игра во салата „Јасмин“ вечерва со почеток во 19:00 часот.