Табоада: Ќе биде посебно чувството да се игра против Еурофарм Пелистер

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер денеска му гостува на данскиот тим Фредериција и е во потрага по првата сезонска победа.

Во данскиот тим има две познати лица – левите бекови Себастијан Хенеберг и Реине Табоада, а кубанскиот интернационалец ги сподели очекувањата од средбата со пелистерци.

„Секогаш е посебно чувство кога ќе играш против тим за кој си настапувал во минатото, бидејќи има доста луѓе кои ги знам од порано. Ќе биде прекрасно повторно да ги видам сите нив. Очекувам дека на мечот ќе се игра во високо темпо бидејќи двата тима многу посакуваат да стигнат до важни бодови. Мораме да се фокусираме на одбраната бидејќи Пелистер има неколку квалитетни офанзивни играчи што ќе мораме да ги запреме. Во напад мора да продолжиме во истиот ритам во кој игравме досега. Најважно е против Еурофарм Пелистер да влеземе како на претходните натпревари, ментално подготвени за да ги освоиме двата бода“, изјави Табоада.

Натпреварот меѓу Фредериција и Еурофарм Пелистер ќе се игра вечерва во Оденсе со почеток во 18:45 часот.