Македонската репрезентација вчера ги дозна групите за квалификациите за Европското првенство во 2024 година, среќата во ждрепката ни беше наклонета со оглед на тоа што ги добивме Португалија, Турција и Луксембург.
Сепак, еден од нашите најважни ракометари, Филип Талески предупреди дека ниту една репрезентација не смеее да се потцени, а тие прво ќе размислуваат на баражот со Чешка за Светското првенство, па потоа ќе ги започнат подготовките за квалификациите за Европското првенство.
„Интересна група, во денешно време сите играат ракомет не смее никој да се потцени, мора максимално да сме фокусирани на секој натпревар и се надевам, а и желба ни е на сите прво сега да го продолжиме со Чешка тој континуитет за Светско првенство, па потоа да размислуваме и на квалификациите за Европското првенство“, изјави Талески.
Квалификациите за Европското Првенство во 2024 година Македонија ги стартува во октомври со натпреварот против Луксембург на домашен терен.