Екипата на Стружанка ја запиша втората победа во Женската лига, откако на свој терен славеше над Овче Поле СУ со 31:14 во натпревар од 5. коло.
Домаќинките одиграа одлично во текот на сите 60 минути и во ниту еден момент не дозволија да има било каква неизвесност.
Победникот на дуелот беше одлучен уште по првото полувреме, кое домаќинките го добиаја со десет гола разлика, 16:6.
Дополнителен проблем во второто полувреме за гостинките беа црвените картони за Елена Вучевска и Анастасија Сентовска, кои беа најефикасни во гостинската екипа, па така домашниот табор ја искористи ситуацијата на терен и дополнително ја зголеми предноста.
Предводник во победничката екипа беше Марија Голабоска со осум погодоци, три помалку постигнаа Теодора Маркоска и Мендувие Далипоска.
Кај Овче Поле СУ најефикасни беа Елена Вучевска со шест и Анастасија Сентовска со четири погодоци.