ПИОНЕРИ: Коцев даде 16, Биков возврати со 14 гола – Тиквеш славеше кај Пролет

Вториот викенд од пионерската лига донесе неколку впечатливи поединечни настапи. Филип Коцев постигна дури 16 од 22 гола на Пролет, но неговиот тим загуби од Тиквеш со 30-22. Кај победникот, Никола Биков возврати со 14 погодоци.

Во групата А, Еурофарм Пелистер 2, Струга и Македонија Ѓорче Петров ја запишаа втората победа. Во групата Б, со по два триумфа се Младост 1977 и Гемиџии. Вардар го освои Радовиш, додека „витамините“ стигнаа до првата сезонска победа.

ГРУПА А

Биков и Коцев постигнаа 30 гола, бодовите заминаа за Кавадарци

Пролет и Тиквеш одиграа израмнето прво полувреме. Во 15. минута скопјани водеа со 12-10, но гостите го свртеа резултатот и на паузата заминаа со минимални 14-13. Тиквеш подобро го отвори вториот дел и се одлепи на 21-16. Предноста продолжи да расте, па кавадарчани на крајот славеа со 30-22.

Филип Коцев постигна 16 гола за Пролет – повеќе од сите негови соиграчи заедно. За победничкиот тим, Никола Биков даде 14, а Никола Јанчев и Антониј Паризов по пет погодоци.

Струга го совлада Бутел и остана без пораз

Струга имаше предност од 13-7 на полувремето против Бутел. Во продолжението го задржа темпото, по 30 минути водеше со 20-10 и стигна до победа од 29-14.

Борјан Домазетоски повторно беше прв стрелец на Струга со 11 гола. Тино Бебекоски и Никола Коцарески постигнаа по пет, додека кај Бутел Стефан Котевски и Горазд Алексовски дадоа по четири погодоци.

Еурофарм Пелистер 2 го запре Охрид, Сиљаноски постигна десет од 13 гола

Еурофарм Пелистер 2 и Охрид беа израмнети на почетокот, но битолчани постепено ја презедоа контролата. На полувремето водеа со 12-6, а во вториот дел ја зголемија предноста до конечни 29-13.

Новак Вељановски постигна седум гола за победничкиот состав, а Марко Гламновски и Марко Спировски по пет. Кај Охрид, Горазд Сиљаноски беше стрелец на десет од вкупно 13 гола на својот тим.

„Лавовите“ отворија со 5-0 и сигурно стигнаа до втора победа

Македонија Ѓорче Петров ги постигна првите пет гола против Еурофарм Пелистер. Домаќините во 15. минута водеа со 13-4, а на паузата имаа предност од 17-7. И во продолжението ја задржаа контролата и победија со 31-18.

Димитар Трајковски и Владимир Иванов постигнаа по седум гола за Македонија Ѓорче Петров, а Мартин Томаноски пет. Иво Михаиловски беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер со седум погодоци.

ГРУПА Б

Гемиџии со силен почеток против Илинден Вардар

Гемиџии ги постигнаа првите пет гола на натпреварот против Илинден Вардар. Тимот од Велес брзо се одлепи, поведе со 13-4, а по дваесетина минути имаше предност од 19-6. Гостите го подобрија нападот во преостанатиот дел, но Гемиџии ја задржаа разликата и славеа со 34-20.

Андреј Јакимовски и Даријан Бобевски постигнаа по седум гола за победникот. За  Илинден Вардар, Лука Маџовски даде осум, а Андреј Блажевски четири погодоци.

Вардар го освои Радовиш

Вардар беше во водство во текот на гостувањето кај Радовиш. На полувремето имаше 10-7, а домаќините во продолжението се доближија на 13-10. Потоа Вардар постигна четири гола без одговор, поведе со 17-10 и го реши натпреварот. Конечниот резултат беше 21-15.

Михаил Јовчески и Војдан Ѓорѓиевски постигнаа по шест гола за Вардар. Кај Радовиш, Јован Ѓоргиев даде пет, а Никола Вергов и Златко Пранговски по четири.

Втора победа во Автокоманда

Тимот од Автокоманда убедливо го совлада дебтантот, Либра Хандбал со 42-3. Тимот од Автокоманда не прими гол во првото полувреме и на паузата водеше со 27-0. Либра првиот погодок го постигна на почетокот од вториот дел.

Павел Стефановски беше прв стрелец на Алкалоид со шест гола, а Марко Димитриевски, Димитар Арсиќ и Даријан Јаневски постигнаа по пет. За Либра погодија Никола Узунов, Стојанче Пеов и Васил Тенекеџиев.

Митев со 12 гола го предводеше Младост

Младост 1977 го совлада МРК Куманово со 24-11. По израмнетиот почеток, домаќините се одлепија на 10-3, а на паузата водеа со 12-6. Во вториот дел ја зголемија разликата и ја запишаа втората сезонска победа.

Матеј Митев постигна половина од головите на Младост – 12. Антонио Каракабаков додаде седум, додека кај МРК Куманово Петар Попов даде четири погодоци.

Првиот триумф за „витамините“

Вториот тим од Автокоманда ги постигна првите 14 гола на натпреварот против Феникс. На полувремето водеше со 19-1, а до крајот ја зголеми предноста и славеше со 32-4. За тимот од Автокоманда ова е прва победа во сезоната.

Горјан Петрушевски постигна седум гола, Јане Ангеловски шест, а Мартин Стефановски пет за Мулти Есенс. Кај Феникс, Стојан Концалов даде три погодоци.

Машка пионерска лига – 2. коло

Група А
Струга – Бутел 29-14 (13-7)

Еурофарм Пелистер 2 – Охрид 29-13 (12-6)
Македонија Ѓорче Петров – Еурофарм Пелистер 31-18 (17-7)
Пролет – Тиквеш 22-30 (13-14)

Табела по 2. коло: Еурофарм Пелистер 2, Струга и Македонија Ѓорче Петров – по 4 бода; Тиквеш и Охрид – по 2; Прилеп, Пролет , Бутел и Еурофарм Пелистер – без бодови.
Најдобри стрелци вкупно во групата А: Горазд Сиљаноски – 25 гола; Филип Коцев 23; Борјан Домазетоски – 22; Никола Биков и Владимир Иванов – по 16; Димитар Трајковски – 15; Тино Бебекоски и Новак Вељановски – по 10 гола.

Група Б
Гемиџии – Илинден Вардар 34-20

Радовиш – Вардар 15-21 (7-10)
Алкалоид – Либра 42-3 (27-0)
Младост – Куманово 24-11 (12-6)
Мулти Есенс – Феникс 32-4 (19-1)

Табела по 2. коло: Алкалоид, Младост и Гемиџии – по 4 бода; Илинден Вардар, Вардар, Мулти Есенс и Радовиш – по 2; Куманово, Феникс и Либра – без бодови.
Најдобри стрелци вкупно во групата Б: Матеј Митев – 18 гола; Лука Маџовски – 15; Антонио Каракабаков, Марко Димитриевски и Леонид Коцишки – по 13; Петар Попов – 12; Андреј Јакимовски – 11; Калин Краљевски и Војдан Ѓорѓиевски – по 10 гола.

Следно, 3. коло
Група А:
Тиквеш – Струга; Еурофарм Пелистер – Пролет ; Охрид – Македонија Ѓорче Петров; Бутел – Прилеп. Еурофарм Пелистер 2 е слободен.

Група Б: Феникс – Гемиџии; Куманово – Мулти Есенс; Либра – Младост; Вардар – Алкалоид; Илинден Вардар – Радовиш.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…