Екипата на Вардар победнички го започна настапот на Струшкиот турнир, откако македонскиот првак славеше против Прилеп со 39-29 и се најде на чекор до место во финалето, односно борбата за трофеј.
Вардарци победата ја најавија уште по првите десетина минути кога се одлепија на плус пет, 8-3, а пикерите во тимот на Чупиќ беа ефикасни. Валах се надоврза со серија одбрани, па тренерот на прилепчани, Танески мораше да бара тајм-аут.
Не се промени многу ситуацијата на теренот резултатски, иако Чупиќ ја промени цела постава – на теренот влегоа Анастасовски, Георгиевски, Нечовски, Да Силва….место Љевар, Фадуил, Митровиќ…а на паузата „црвено-црните“ водеа со 18-13.

Прилеп се закани за момент на стартот на вториот дел и намали на 18-15, но следуваа одбрани на Гогов, па вардарци одново отидоа на плус шест, 21-15. Трајкоски фаќаше зицери, но немаше поддршка од соиграчите и немаше простор за камбек.
Вардарци ги чека пресметката со Бутел Скопје за два дена, додека прилепчани ќе се соочат со истиот ривал, против кој ако нема изненадување, ќе се борат за второто место во групата.

До крајот двајцата тренери им дадоа прилика на сите расположиви сили да покажат што можат, се играше рутински до крајот без особени промени во резултатот. Најдобри стрелци кај Вардар беа Виктор Јанковски со седум и Леон Љевар со шест погооди, додека кај Прилеп се истакнаа Димитар Димитриоски, Андреј Стојановски и Петар Маркоски со по пет погодоци.
Голманот Валах имаше десет одбрани во првиот дел, додека Гогов запре 12 пати од ударите на прилепчани во второто полувреме. Голманите на Прилеп, Трајкоски и Ангелески искомбинираа осум интервенции.

























