СТРУГА 2026: Танкоски – Турнирот ќе ни биде добра шанса да се воиграме пред Супер лигата

Капитенот на РК Струга, Марио Танкоски, по повеќе години повторно е во својот матичен клуб. Домаќинот годинава состави речиси целосно нов тим, а традиционалниот турнир ќе биде првата сериозна проверка пред стартот на новата сезона. Досега двапати има победувано на турнирот, и двапатикако член на Еурофарм Пелистер. Сега се враќа „меѓу своите“ и сонува за финале.

Струга годинава со многу поинакви амбиции го пречекува 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир, кој од 12 до 15 август ќе се игра на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“. Еден од најважните потези на клубот ова лето беше токму враќањето на Марио Танкоски. Стружанецот по настапите за Металург, Еурофарм Пелистер и РК Вардар повторно ќе го носи дресот на матичниот клуб, а во новата екипа ја доби и капитенската лента.

И не само тој, пристигнаа уште неколку искусни ракометари со кои Струга изгледа, средено и сериозно. Нема да биде екипа за „правење гол разлика„, туку може д абиде и „нагазна мина“ во првенството.

Танкоски признава дека враќањето дома се случило брзо, во период во кој во Струга практично од почеток се создава нов тим.

„Моето доаѓање во Струга се случи набрзина, благодарение на директорот Чакарески. Струга беше пред испаѓање од Суперлигата, но успеавме да направиме респектабилен тим. Што се однесува до Струшкиот турнир, главната цел е да се воиграме. Сега сме нов тим – со многу нови ракометари и нов тренер и треба да се запознаваме“, вели Танкоски.

За домаќинот резултатот на турнирот нема да биде единствениот приоритет. Во Струга се свесни дека екипата е составена во краток период и дека ќе биде потребно време за да се вклопат новите ракометари во системот на тренерот Божидар Мојсов.

„Не ни е главна цел да го освоиме турнирот, туку да го искористиме за да влеземе што поподготвени во првенството, кое почнува во првата недела од септември. Нема да имаме многу време“, истакнува капитенот на РК Струга.

Домашниот тим во групната фаза ќе има две сериозни проверки. Струга ќе игра против актуелниот освојувач Охрид и против српскиот претставник Дубочица од Лесковац.

Тоа ќе бидат натпревари во кои новиот состав ќе може да покаже колку е направено во почетниот дел од подготовките, но и што дополнително треба да се поправи пред стартот на Суперлигата.

За Танкоски ова ќе биде и посебно враќање. По години минати во клубови кои се бореа за домашни и европски трофеи, сега ќе биде капитен на клубот од градот во кој ги направи првите ракометни чекори.

Во Струга планот не е поврзан само со еден турнир или една сезона. Првата задача е клубот повторно да се стабилизира, а потоа чекор по чекор да се гради екипа која ќе може да има позначајна улога во македонскиот ракомет.

Токму домашниот турнир ќе биде првата можност новата Струга да се претстави пред својата публика.

СТРУГА – клупски информации

Состав
Голмани: Тутенкоски, Костадиновски, Јовановски
Играчи: Савески, Ферукоски, Пајкоски, Симоноски, Рајатоски, Крстаноски, Танкоски, Шилегов, Петров, Костоски Н., Георгиевски, Костоски М., Ѓоргоски, Димоски, Стефановиќ, Родиќ, Јукиќ, Алиша
Стручен штаб: Мојсов, Ферукоски, Коцарески Ѓ., Коцарески Д

Играчи што дојдоа: Јовановски, Рајатоски, Крстаноски, Танкоски, Шилегов, Петров, Родиќ, Јукиќ

Играчи што заминаа: Мечкароски, Клењоски, Костов, Мајдуб, Талевски

Распоред на мечевите на Бутел во Струга

12 август
21:15 часот Струга – Охрид

14 август
18:30 часот Струга – Дубочица Лесковац

15 август
Натпревар за пласман

* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…