На клупата на Струга во новата сезона ќе седи Божидар Мојсов, кој по кратката пауза по ангажманот во Прилеп му се врати на ракометот. Домаќинот годинава состави речиси целосно нов тим, а традиционалниот турнир ќе биде првата сериозна проверка пред стартот на новата сезона. Мојсов беше дел од стручниот штаб на победникот Еурофарм Пелистер во 2022 година и има освоен трофеј.
Струга годинава со многу поинакви амбиции го пречекува 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир, кој од 12 до 15 август ќе се игра на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“.
Во Струга покрај тренерот Мојсов, пристигнаа уште неколку искусни ракометари со кои Струга изгледа, средено и сериозно. Нема да биде екипа за „правење гол разлика“, туку може да биде и „нагазна мина“ во првенството.
„Очекуваме настапот на турнирот во Струга да ни помогне да ја подигнеме формата на повисоко ниво, да одиграме квалитетни натпревари и да продолжиме со процесот на создавање и уигрување на екипата“, вели Мојсов.
Тој бил повеќепати дел од турнирот.
„Повеќекратно сум учествувал на овој квалитетен турнир, кој има долгогодишна традиција и претставува одлична платформа за подготовка, но и за стекнување нови искуства. Секогаш е задоволство да се биде дел од Струшкиот турнир, особено поради квалитетот на екипите и атмосферата која го следи овој спортски настан“, продолжи Мојсов.
Струга ќе се соочи со екипите на Дубочица Лесковац и ланскиот освојувач на трофејот, Охрид.
„Станува збор за многу квалитетни екипи, кои имаат искуство и настапуваат во европските натпреварувања. За нас тоа ќе биде голем предизвик и можност да се надигруваме со квалитетни противници и да видиме до каде сме во овој момент од подготовките. Ние сме екипа која сè уште е во процес на создавање и формирање. Можно е на турнирот да настапиме и со некое ново име во составот, но во овој момент фокусот ни е на уигрување на екипата и на создавање добра основа за сезоната“, вели Мојсов.
Според битолчанецот, фаворит за трофејот во Струга е екипата на Вардар.
„Според мене, фаворит за освојување на трофејот е Вардар, актуелниот шампион на Македонија. Секако, турнирот е квалитетен и има повеќе екипи кои можат да се борат за самиот врв“
Струга доби нова шанса за играње во елитната конкуренција во Македонија и првиот чекор е стабилизација на клубот.
„Нашата цел е да оствариме што подобар пласман во Супер лигата. Сакаме постепено да ја подигнуваме формата, да создадеме конкурентна екипа и со максимална посветеност да ги оствариме поставените цели“, заврши Мојсов.
СТРУГА – клупски информации
Состав
Голмани: Тутенкоски, Костадиновски, Јовановски
Играчи: Савески, Ферукоски, Пајкоски, Симоноски, Рајатоски, Крстаноски, Танкоски, Шилегов, Петров, Костоски Н., Георгиевски, Костоски М., Ѓоргоски, Димоски, Стефановиќ, Родиќ, Јукиќ, Алиша
Стручен штаб: Мојсов, Ферукоски, Коцарески Ѓ., Коцарески Д
Играчи што дојдоа: Јовановски, Рајатоски, Крстаноски, Танкоски, Шилегов, Петров, Родиќ, Јукиќ
Играчи што заминаа: Мечкароски, Клењоски, Костов, Мајдуб, Талевски
Распоред на мечевите на Бутел во Струга
12 август
21:15 часот Струга – Охрид
14 август
18:30 часот Струга – Дубочица Лесковац
15 август
Натпревар за пласман
* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
























