СТРУГА 2024: Јованоски – како Струга нема друга, турнирот останува атрактивен за сите екипи

Денеска беше комплетирана листата на учесници на традиционалниот Струшки турнир, кој по 52. пат ова лето ќе се одржи на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“.

Покрај домаќинот, македонски претставници ќе бидат Еурофарм Пелистер, Вардар и Тиквеш, додека доаѓаат и грчкиот АЕК Атина и шведскиот Ескилстуна Гуиф.

Претседателот на одборот за организација на турнирот, Кирчо Јованоски, е убеден дека ќе има уште еден успешен турнир во низа.

„Среќни сме што традицијата продолжува и турнирот во Струга го задржува својот интернационален карактер. Ова е 52. издание на турнирот што не прави особено горди како најдолговечен турнир на овие простори, со секогаш атрактивни екипи и уникатноста на играње на отворено. Сезонава повторно ќе имаме шест екипи поделени во две групи, и натпревари во вечерни термини. Со Струга секогаш се отвара новата натпреварувачка сезона, и овојпат ќе можеме да ги гледаме најдобрите екипи кои и досега победуваа на овој турнир, и кои се подготвуваат за своите мечеви на домашна и европска сцена. И сезонава подготвуваме новини со кои ќе останеме атрактивен турнир за сите екипи, и радува што интересот на турнирот е секогаш голем. „Како Струга нема друга“, и затоа убедени сме дека ќе имаме уште еден успешен турнир. Ве очекуваме во Струга“, вели Јованоски.

Струшкиот турнир ќе се игра од 14 до 17 август, а групите и распоредот на натпреварите ќе биде дополнително одреден.