Стигна потврда од Битола: Симоноски е нов играч на Еурофарм Пелистер 2

Кристијан Симоноски кариерата ќе ја продолжи во Битола. Траснферот што го најави 24Ракомет денеска доби своја официјализација откако пивотменот потпиша за Еурофарм Пелистер 2, каде во новата сезона ќе биде дел од тимот што ќе го води Бранислав Ангеловски.

Симоноски доаѓа од Автокоманда, клубот каде играше на домашна и европска сцена. Станува збор за пивотмен со суперлигашко искуство, кој во изминатите сезони беше дел од тим што се бореше за трофеи, играше во ЕХФ Европската лига и Европскиот куп, а беше и во поширокиот круг на македонската репрезентација.

Пресудно за изборот да се пресели во Битола било тоа што Еурофарм Пелистер 2 ќе го води Бранислав Ангеловски, тренер кој сака да направи млад, но респектабилен тим. Вториот состав на битолчани треба да биде комбинација од талентирани ракометари, играчи со простор за развој, но и проверени имиња што веќе имаат искуство во Супер лигата. И кои ќе чукаат на вратата на тимот предводен од Лино Червар.

Симоноски летово се раздели со тимот од Автокоманда заедно со уште неколку ракометари, по завршувањето на еден важен циклус за клубот кој го забелеша најслабиот пласман во Супер лигата, заврши како четвртопласиран. Во тој период тој собра искуство од натпревари против најсилните македонски екипи, но и од европските настапи, што може да биде значајно за младиот состав на битолчани.

Еурофарм Пелистер 2 полека го обликува ростерот за новата сезона, а доаѓањето на Симоноски е уште еден сигнал дека во Битола не се прави тим само за иднината, туку и тим што уште веднаш треба да има карактер, борбеност и препознатлива структура. Претходно беше потврден трансферот на средниот бек Божидар Илиески.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________