Со натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Скопје беше комплетирано 5. коло во суперлигашкиот плеј-аут.
По одиграното коло станува повеќе возбудливо, бидејќи неколку екипи влегуваат во трка за првите две позиции на табелата.
Прилеп моментално е единствениот тим без пораз во досегашниот тек од плеј-аутот и избраниците на Божидар Мојсов се на добар пат да обезбедат опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија.
На втората позиција се наоѓа Вардар Неготино, кој влезе во победничката серија и сега заостанува само три бода зад актуелниот лидер. Неготинци во 5. коло дојдоа до златни бодови, откако на свој терен, со пресврт, славеа над Голден Арт.
Исто како и Вардар Неготино, 12 бодови на табелата има вториот тим на Еурофарм Пелистер. Младите битолчани во изминатото коло обезбедија лесен триумф над Скопје и си ги зголемија шансите за опстанок во македонската елита.
По Еурофарм Пелистер 2 следуваат екипите на Куманово и Мулти Есенс, кои исто така имаат свои математики и калкулации како да дојдат до опстанок. Екипите на Голден Арт и Скопје засега остануваат со една победа, она службената над Аеродром, тим кој што е исклучен од Супер лигата.
Резултати, плеј-аут, 5. коло:
Вардар Неготино – Голден Арт 27:26 (ИЗВЕШТАЈ)
Куманово – Прилеп 26:26 (ИЗВЕШТАЈ)
Еурофарм Пелистер 2 – Скопје 39:22 (ИЗВЕШТАЈ)
Мулти Есенс слоб.
По одиграното 5. коло следува клупска пауза поради ЕХФ неделата, во која репрезентацијата на Македонија ќе одигра пријателски дуели со Романија.