Во Србија ќе се дели последниот билет за СП во Македонија

Покрај домаќинот Македонија, познати се уште 13 европски селекции што ќе играат на Мундијалот за младинки во нашата држава во јуни 2024 година.

За последниот билет за европскиот континент ќе се игра квалификациски турнир во српскиот град Врњачка Бања од 21 до 26 ноември.

Покрај Србија, на овој турнир ќе игра и Хрватска (овие две селекции беа најслаби на младинското ЕП заедно со Македонија), како и победниците од ЕХФ шампионатите.

Станува збор за Шпанија, Фарски Острови и Италија, а само најдобрата селекција од петте ќе обезбеди пласман на СП во Македонија.

Покрај европските претставници, веќе се познати и репрезентациите, вкупно десет, од Азија и Африка, а дополнително ќе се играат квалификациите во Северна Америка и Кариби, Средна и Јужна Америка, како и Австралија и Океанија.