Спартак ја продолжи соработката со Сара Цветановска, а од Вардар пристигнува Нина Неделковска

ЖРК Спартак продолжува со јасни потези на пазарот пред новата сезона. Клубот од Кисела Вода ја продолжи соработката со пивотменката Сара Цветановска, најдобриот пивот за сезоната 2025/2026 во изборот на 24ракомет. Таа е играч која со својата борбеност на линијата од шест метри и стабилност во двата правци беше важен дел од тимот во изминатиот период.

Цветановска е ракометарка од Куманово и важи за пивот кој знае да „јаде“ дуели, да отвора простор за бековите и да носи цврстина во одбраната. Во кариерата настапувала и за Куманово и Металург Автокоманда, а зад себе има и европски настапи, што е дополнителен плус за Спартак во сезона во која клубот сака уште поголема конкурентност и повисоки цели.

Паралелно со задржувањето на Цветановска, Спартак го засили и бековскиот дел од екипата. Ново име во тимот е Нина Неделковска, која доаѓа од ЖРК Вардар. Неделковска игра на позицијата среден бек и во јавноста одамна е препознаена како ракометарка која има квалитет и „материјал“ во себе, а во претходните сезони важеше за една од најефикасните во својата генерација. Има постигнато 46 гола за Вардар сезонава во Супер лигата.

Со овој потег, Спартак јасно покажува дека сака поквалитетна ширина и повеќе опции во ротацијата. Задржувањето на сигурен пивот и носењето на креативен среден бек се потег што може да донесе поголема стабилност и во напад и во одбрана, а тимот од Кисела Вода добива јасен правец – да биде уште поопасен и поконкурентен во сезоната што следува.

Тимот се засили и со тренерот Симе Симовски, кој сега ќе прави тим со кој ќе се напаѓа врвот на табелата и излез во Европа.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________